Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 15 април годинава.
Терористичките напади на европско тло зачестија во изминатите години. За дел од напаѓачите беше соопштено дека ја користеле токму западнобалканската рута за да стигнат до боиштата на Блискиот Исток каде што биле обучувани и за да се вратат во Европа да ги извршат нападите. Експертите за безбедност стравуваат и од тоа што терористите почнаа да користат неконвенционални методи за нападите, како што е влетување со автомобил или камион во пешачка зона. Такви беа нападите во Ница, Берлин, Лондон и во Стокхолм. Дополнителна загриженост предизвикува и тоа што ваквите напади ги организираат поединци или мали групи, што го прави спречувањето на нападите многу тешко.
Граѓаните, кои ги анкетиравме во центарот на Скопје, велат дека се плашат по секоја вест за нов терористички напад во Европа, но оти тоа не им го менува начинот на живот.
„Не се плашам затоа што тоа е дел од современиот живот, не знам како да ви кажам. Сега тие почнаа на тој начин да вршат заплашувања, меѓутоа ако човек отиде во таа приказна, со такви параноични размислувања, а живее во 21 век, не знам како би живеел, треба да седи дома затворен. Само да се моли на господ дека баш тој нема да биде приказна каде што ќе се случи најлошото, инаку тоа е сосема нормално.“
РСЕ: Дали ви е непријатно да патувате во европските држави каде што имаше напади? Ве плаши ли тоа?
„Не, тоа се сепак цивилизирани земји, земји со напредна култура и општества.“
„Нормално, нема некој што не го плаши.“
„Е како не нè плаши, само Трамп ќе ги суреди, 100 посто“, велат анкетираните граѓани.
Македонија не е голема и моќна земја која има капацитет да ги следи терористичките групи од нивните упоришта на Блискиот Исток, па сè до Европа, но мора да ја контролира својата територија и да соработува со партнерските служби и да разменува информации за движењето на осомничените, велат упатените.
„Сите тие партнери сакаат да имаат веродостојни информации на коишто ќе може да се потпрат и во нашата држава да имаат партнер којшто ги следи работите и соодветно реагира“, вели професорот по безбедност Стојан Славески.
Поранешниот разузнавач, професор Владимир Пивоваров вели дека ни една земја во светот не може да каже дека е безбедна од терористички закани.
„Оваа безбедносна криза, доколку би дошла врз основа на двата последните моментума, реториката помеѓу Ердоган и Европа или бомбардирањето што се случи во Сирија, ако дојде до масовен бегалски бран, Македонија веќе нема да биде само транзитна рута, затоа што европските лидери јасно нагласија дека веќе не се спремни на нивна територија да примат толкав број мигранти и дека балканските земји ќе бидат следните дестинации каде што ќе се наоѓа ваквата групација. Во таква ситуација треба сериозно да сме подготвени, а за жал не сме и секако дека во ваква ситуација би била многу добра соработката со поголемите странски служби кои имаат можност да ја следат целата рута на движење на ваквите лица“, вели Пивоваров.
Сепак, македонските власти постојано ја отфрлаат можноста од стационирање на бегалците во земјава.
Претседателот Ѓорге Иванов во своите јавни настапи често зборува за терористичките закани, за повратниците од странските боишта и опасноста терористите да го искористат мигрантскиот бран. Дури и во последниве месеци, на средбите со странски дипломати и државници, освен за политичката криза во Македонија, се разговара и за опасноста од нов мигрантски бран и за тероризмот. Минатата година, тој рече дека во Македонија има десетици повратници од боиштата на Блискиот Исток.
Во илинденскиот говор минатата година, Иванов рече дека речиси секојдневните терористички напади во Европа и во светот се новата реалност и оти Македонија мора да се навикне да живее и да функционира во таква реалност. Земјава, според него, сепак покажала дека има армија и полиција што можат да ја чуваат границата.
„Излегуваме на крај и со безбедносните закани и насилен екстремизам и тероризам. Спречивме масакри и крвопролевања какви што гледаме насекаде во светот. Затоа, повторно сакам да изразам голема благодарност на нашите безбедносни сили и служби за нивниот професионализам и посветеност. Тие деноноќно ја чуваат нашата безбедност и безбедноста на нашите деца. Но, бурата само што започна. Регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и во Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија. Сè уште постои висок ризик од заканата од странски терористички борци. Вториот мигрантски бран е на повидок“, рече претседателот Иванов во илинденскиот говор минатата година.
Од друга страна, Пивоваров критикува дека македонските безбедносни служби се партизирале и повеќе работат за политиката отколку за безбедноста. Тој смета и дека процесот на лустрација им нанел голема штета на безбедносните служби.
„Во последниве 10 години нашата влада прогласи 7-8 терористички акти. Ако прогласи седум терористички акти, а не спречи ниту еден, тоа е пропуст за службата, значи службите не функционираат. Службите ни се најевидентни во изборниот процес и прават работи кои се спротивни на законот. Од една страна има многу непрофесионалци, но проблем е и немањето можност за создавање оперативни врски, немање оперативни врски, а основно орудие на еден оперативец е да прибира информации. Ако го нема тоа орудие од каде би прибирал информации? Електронскиот систем за прибирање информации е секундарен систем, не е основен. Ние го напуштивме приматот, она што беше препознатливост и белег на поранешните разузнавачки служби, оперативното работење со оперативна врска и тогаш бевме многу поуспешни во откривањето и докажувањето на вакви дејанија, меѓутоа денеска тоа е невозможна мисија. Затоа мора час поскоро да се професионализираат службите, да се изврши таа силна департизација која постои во службите, тие да имаат конкретни цели и конкретни задачи. Освен вмешувањето во политички работи, ние не гледаме нешто поконкретно да се работи од страна на службите“, вели тој.
Славески дополнува дека ако има нов голем мигрантски бран, Македонија нема капацитет сама да ги изврши проверките на илјадници луѓе што би влегле во Македонија.
„Треба да бидеме свесни дека ние самостојно нема да можеме успешно да се справиме, ниту да бидеме добра карика во ланецот на размена на информации ако немаме соодветни капацитети. Меѓутоа, сето ова што се случува со партизираноста на нашиот безбедносен сектор, со поставување на несоодветни луѓе во овие чувствителни разузнавачко-безбедносни служби, секако дека има негативно влијание на вкупните активности на безбедносниот систем и на капацитетите на нашата држава“, вели тој.
Главната цел на тероризмот е стравот
Целта на нападите е токму да предизвикаат страв и паника. Македонските граѓани мислат дека тоа им се случува на некои други луѓе, вели социологот, професор Ѓорѓи Тоновски, но оти надлежните треба да бидат внимателни. Нападите ги менуваат европските општества, вели тој. За да го илустрира стравот кај европските граѓани, тој прави паралела со актуелната ситуација во Македонија.
„Во еден момент кога дојдоа некои изјави од некои од организаторите на протестите дека состојбите во Македонија може доста да се заострат и дека ќе се применуваат дури и насилни средства, веднаш во Македонија се почувствува страв. Оној страв којшто цела една деценија го газеше македонското општество и одвај некако успеавме да го разбиеме, веднаш се почувствува повторно како да се враќа во определена мера. Замислете сега како се чувствуваат Европјаните во услови кога имате постојана, не само закана, туку и практични акции на тероризам“, вели тој.
Тоновски смета дека тероризмот треба да наиде на пожесток одговор од властите во сите европски земји. Не се согласува дека тоа нужно ја доведува демократијата во опасност.
„Напротив, со нечинење мислам дека демократијата се доведува во опасност, зашто граѓанинот е еднаков на демократијата и демократијата е еднаква на граѓанинот. Ако имате уплашен граѓанин којшто не сака да учествува во ништо, се повлекува, со резерва се однесува кон сè, тогаш вие го немате него како оној голем граѓанин којшто ги води демократските процеси и во чие име се прокламирани човековите права“, вели Тоновски.
Шестмина луѓе во Македонија беа осудени на доживотни затворски казни за тероризам за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во 2012 година. За тероризам се обвинети и 29 луѓе за судирите со полиција во кумановско Диво Насеље во 2015 година.
Во 2007 година, кон владата беа истрелани две тромблонски гранати. Владата го окарактеризира тој напад како терористички, но никој не беше уапсен. Сличен напад се случи и во 2014 година кога кон владата беа истрелани два проектили, но ни тој случај не беше расчистен.
Во случајот Ќелија, пак, беа осудени 11 луѓе за врбување и учество во странски војски. Меѓу нив и оџата од џамијата Тутунсуз во Скопје. Македонските државјани во изминатите години беа апсени и во странство под обвиненија поврзаност со војните на Блискиот Исток.
Европа страхува од терористички напади
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Европа влегува во нова фаза на тероризам. Со слабеењето на Исламската држава на Блискиот Исток не случајно зачестуваат нападите од поединци кои како оружје користат возила. Таквите напади лесно се организираат и тешко се спречуваат.
Гоце Атанасов
Последните терористички напади во Лондон, Санкт Петербург, Стокхолм го зголемија страхувањето на граѓаните во Европа за нивната безбедност. Некои страхуваат дека со поразот на милитантите на Исламската држава во Ирак и Сирија би можело да зачестат нападите на јавни и преполни со луѓе места.
„Влегуваме во нова фаза на тероризам, преку социјалните медиуми и таканаречени „осамени волци“, предупредуваат експертите, наведувајќи дека милитантите на Исламската држава кои се под голем притисок во Сирија и Ирак се принудени да ја менуваат тактиката при извршувањето напади во Европа како што властите почнаа да ги зацврстуваат безбедносните мерки. Затоа не е случајно што сега тоа се прави со активирање поединци кои се почесто како оружје користат возила насочени кон невини пешаци. Токму ваквите напади, како што наведува Џонатан Вуд, експерт за безбедност од Лондон, лесно се организираат, но тешко се спречуваат.
„На крајот на краиштата ваков вид напад во јавен простор или како што го нарекуваме тука во Британија преполно место, е многу тешко да се спречи или да се заштити дури и во најдобри услови“, вели тој.
Според него, никогаш не ќе може целосно да се елиминираат можностите од вакви напади. Ова сознание почна да го крева степенот на страхување кај граѓаните, особено во големите европски градови. Една жителка на Санкт Петерсбург по терористичкиот напад изјави:
„Треба да бидеме силни, да бидеме здружени, да бидеме внимателни. Како да се преживее? Не знам како да се преживее“, вели таа.
Сепак, повеќето мислат дека не треба да им подлегнат на страхувањата, бидејќи тоа е токму што се сака да се постигне со нападите. Еден од нив е студентот Боб Јункер од Брисел кој вели:
„Секако, ние секогаш ги проверуваме вестите да видиме што се случува во врска во ваквите напади. Но, се обидувам да одам натаму и да живеам на нормален начин, односно да не бидам под влијание на вакви настани“, вели тој.
Тоа го вели и Алдо Кодиспоти, пензионер од Рим:
„Не можете да останете затворени во вашиот дом, бидејќи се плашите. Сите ние несомнено страхуваме во себе, но исто така треба и да живееме“, вели тој.
Котје Велентурф, Холанѓанка која живее во белгискиот град Антверпен, кадешто беше спречен терористички напад вели:
„Мислам дека е невозможно да се биде претпазлив цело време. Мислам мора да ги живееме нашите животи и да не се плашиме цело време, бидејќи тоа ќе не замрзне. Не сакам да им дозволам на терористите да предизвикаат такви страшни чувства во мојот живот, затоа не ни сакам да слушам за нивните акции“, вели таа.
Експертите наведуваат дека владите не треба да го намалуваат степенот на вонредна состојба кој сега е воведен во некои европски градови.