Македонските власти проценуваат дека членовите и симпатизерите на Исламска држава остануваат присутни во Македонија, се наведува во воведниот дел за земјава во годишниот извештај на Стејт департментот за борба против тероризмот. Во општиот дел на извештајот пак пишува дека групата Исламска држава забрзано ја губи поддршката во Ирак и Сирија, но се предупредува дека при своето враќање дома борците може да претставуваат ризик за земјите од Централна Азија и Балканот.
Македонија е на ниско ниво, ако се проценува како цел на Исламска држава и досега за нив големи мети беа западните метрополи, оценува Владимир Пивоваров, професор и поранешен вработен во разузнавачките служби. Но, загрозеноста на државата, додава тој, зависи и од бројот на лица кои заминале на боиштата на Блискиот исток. Таквите лица, по нивното враќање во земјава всушност претставуваат темпирани бомби и државата мора постојано да ги следи, нагласува Пивоваров.
„Ние донесовме законска основа, за жал, последни во Европа, за таквите лица кои учествуваат на странските боишта, но пропуштивме еден многу битен момент, еве на пример, Англија за таквите лица предвидува да им се одземе државјанството, значи да не ги прими на својата територија, ние тоа не го направивме“, вели Пивоваров.
Тој сугерира дека се потребни и истражувања зошто лицата воопшто се приклучуваат кон таквите структури, нешто што во Македонија, тврди тој не се прави.
„Науката длабоко е избркана од сите безбедносни институции, а токму таа треба да биде основа за нивното понатамошно дејствување и постапување“, вели Пивоваров.
Треба да веруваме не безбедносните процени на САД за Исламска држава, вели и Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија, кој посочува дека за намалување на опасноста од оваа група во земјава неопходна е соработката на повеќе институции.
„Мислам дека треба да се стави во функција програмата и договорот со исламскатa заедница и оние кои не направиле дела кој подразбираат санкции да се стават во системот на реедукација. Мислам дека со една добра соработка меѓу исламската заедница и надлежните органи треба да функционираат работите, нормално и во соработка со другите служби, пред се мислам тука на американските“, вели Рамадани.
Инаку во извештајот се наведуваат и три акции кои лани ги спровеле македонските власти поврзани со тероризам. Набројани се акцијата на 9 јули во која се уапсени четири лица во операција именувана Ќелија 2, потоа акција во август во соработка со турските власти за апсење и екстрадирање на пет македонски државјани кои сакале да се придружат во ИСИС во Сирија. Најголема според бројот на приведените е акцијата во ноември, која како што пишува, ја презеле властите во соработка со партнерите од Косово и Албанија. Во неа се уапсени 23 осомничени терористи кои планирале терористички напади на стадион во Албанија за време на натпреварот меѓу Албанија и Израел за квалификациите за Светското фудбалско првенство.