Стеванов - „Љупчо Филипов“ за мене е награда за „животно дело“

Сламберленд, стрип на Александар Стеванов.

Триесет и три годишниот автор Александар Стеванов од Штип е годинашен добитник на наградата „Љупчо Филипов“ која Стрип-центарот на Македонија (СЦМ) ја доделува за развој и афирмација на македонската стрип-сцена. Признанието ќе му биде врачено на Меѓународниот стрип салон во октомври во Велес.

Во образложението на Стрип центарот на Македонија за одлуката Александар Стеванов да биде прогласен за годинашен добитник на Признанието за развој и афирмација на македонската стрип-сцена, именувано по прерано починатиот бард на домашното стрип-творештво Љупчо Филипов, меѓу другото ќе биде забележано дека тој, иако млад, е значаен автор на полето на деветата уметност кај нас, кој своето делување го потврдил преку бројни награди на стрип-конкурси во земјава и во странство. Тој е прогласен за лауреат и добитник на наградата „Никола Митровиќ – Кокан“ за најдобар стрип-сценарист на 17-та Балканска смотра на млади стрип автори, одржана во јули 2015 година во Лесковац, соседна Србија. Згора на тоа Стеванов е предавач и промотор на бројни стрип настани, го уредува поглавјето за стрип во интернет-списанието „Македонска ризница“, објавува интервјуа во домашни и странски списанија, автор е на стриповските фонтови Ботин, Кокан, Горски, Топуз, со што видно им ја олеснува работата на македонските стрип-творци, а во последно време успешно се занимава со дизајнирање на стрип-списанија и книги, новински текстови, како и со хронологијата и историјатот на македонската стрип сцена.

И сето ова кажано во само неколку реченици, онака трчечкум, безмалку доволно речовито говори за Александар Стеванов – вљубеник во стрипот и еден од вистинските поборници оваа уметност конечно да си го најде своето заслужено место на домашната културна сцена.

Тој пак, кога станува збор за наградите, знае да каже дека е „автор на екстремности“. Дека своите три децении ги крунисал со признанието Најдобар млад балкански сценарист токму во последниот миг, за да потем, само три години подоцна, стане добитник на „Љупчо Филипов“ на Стрип-центарот на Македонија која за смета за еден вид „награда за животно дело“. И затоа знае да каже дека „не се чувствува доволно заслужен за оваа награда“, но дека сепак е благодарен и почестен оти ја добил во годината кога се навршуваат токму 80 години од објавувањето на првиот стрип на македонски јазик во далечната 1937 година.

„Во Македонија, во услови во кои стрипот не е доволно ценет медиумските прилози и наградите значат многу за самите автори. Освен што се потврда за нивниот дотогашен труд мислам дека се и неопходност како стимул за понатамошно делување во истата насока, односно за создавање нови стрипови“, вели Стеванов.

Говорејќи за себе, Александар појаснува дека неговото дружење со стриповите започнало уште пред да научи да чита. Првично бил фасциниран од интересните сликички. А, како автор „еден од главните виновници бил токму Љупчо Филипов.

„Кога прочитав неколку негови стрипови, кога го прочитав неговото име, си помислив дека и ние македонците можеме да правиме врвни стрипови. Стрипови коишто изгледаат светски. На некој начин, Љупчо Филипов, Диме Иванов - Димано, Миле Топуз ми станаа херои и тој период од моето детство веројатно стана пресуден за да се бавам со стрип уметноста. Таа да стане мој професионален ангажман“, вели тој.

И, кога ова е веќе познато, тогаш нималку не чуди кога Стеванов ќе рече дека во последните неколку години живее токму од деветата уметност и од некои други сродни активности поврзани со стрипот.

„Кога би зависело од мене јас само би пишувал приказни за стрипови, меѓутоа во Македонија тоа е невозможно, а на странскиот пазар ретко кој бара сценаристи, па така „компензирам“. Работам на „стрип-летеринг“ односно на пишување на текст во балончиња за други автори, правам дизајн на стрипови, а еве од оваа година и се навратив и на мојата голема љубов цртањето и направив т.н стрип-сликовница која се вика „Девојче на месечината“ и беше промовирана пролетва во Штип. Повеќето стрип автори кај нас во последно време се бават со некои други активности коишто им се подоходовни, а јас се трудам кога имам можност да бирам да најдам работи кои се поврзани со стрип макар и да е помалку платени затоа што тоа е она што ме исполнува“, вели тој.

Во контекст на ова авторот деновиве работи на дизајн на стрип-албум од еден македонски автор, инаку ликовен уметник кој дипломирал токму на тема на деветата уметност, покрај тоа трпеливо ги испишува страниците и на две книги – едната е тематска и се однесува на македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“, а другата е еден вид хроника и се бави со домашните изданија во 90-те години од минатиот век.

„За кратко време треба да излезе нешто што го работев во минатиот период. Тоа е дизајн на стрип на еден хрватски автор - Томислав Коштак кој треба да се појави како објава на шкотската издавачка куќа „Кomic Brew“. Станува збор за инстересен стрип-албум, можеби досега невиден и во светски рамки по тоа што е работен во маслени. Некаде над 300 панели“, вели тој.

Александар Стеванов моментално е и во преговори со една малечка издавачка куќа во САД којашто пројавила интерес некаде догодина да го објави неговото дело стрип-сликовницата „Девојче на месечината“ на тамошниот пазар.