Зошто некој сака да биде лидер на синдикатите?

Архивска фотографија - Доскорешниот претседател на Сојузот на синдикатите Живко Митревски.

Со децении синдикалните лидери наместо за правата на работниците, повеќе се заинтересирани за позициите. Затоа ако некоја политичка партија сака да го завладее синдикатот, најлесно тоа го прави преку претседателот, коментираат познавачи по последните превирања во ССМ.

Синдикалните лидери повеќе се грижат како да ги сочуваат своите привилегии и своите фотелји отколку за работничките права, велат експерти, по последните случувања во Сојузот на синдикатите во Македонија (ССМ) и тензиите околу примопредавањето на претседателската функција.

Тие нагласуваат дека таа функција не треба да се прифаќа за некој да се нарекува претседател на ССМ, туку за ги подобри состојбите со работничките права. Според нив, неопходно е повторно да се обмисли улогата и важноста на Синдикатот, кој е организација на работниците.

Здравко Савески од Мултиетничкиот синдикат за образование и член на партијата „Левица“, вели дека претседател на ССМ е важна функција. Тој укажува дека тоа е најголемиот синдикален сојуз и оти со него се идентификува работничкото движење во Македонија.

„За тоа какви се синдикатите и колку ги штитат работничките права или не, во голема мера јавноста гледа врз основа на однесувањето на претседателот на ССМ. Она што е нужно да се направи е тотална промена од корен во ССМ. Живко Митровски фактички ја бранеше претходната Влада, а не работничките права и поради тоа невидено му наштети на имиџот на Синдикатот“, вели Здравко Савески.

Тој имиџ на ССМ треба да се подобри за работниците да имаат верба во Синдикатот, вели Савески нагласувајќи дека промената на претседателот е првиот чекор, но оти неопходно е да следи понатамошна реформа и демократизација на институцијата. Савески е огорчен и заради тоа, како што вели, 27 години наназад синдикатите слугуваат на власта, а претседателите не биле на висина на задачата.

Универзитетскиот професор Лидија Христова, вели дека претседателот го одбележува развојот на организацијата за време на неговиот мандат. Таа истакна дека важна улога имаат и гранковите синдикати. Доколку синдикатот функционира според демократски принципи моќта е дисперзирана, но, како што нагласува таа, во обратен случај моќта е концентрирана кај претседателот.

„Доколку сакате како политичка власт да ја завладеете или контролирате синдикалната организација вложувате во оној кој е на врвот, во претседателот. И тука неговото значење дополнително се зголемува. Со нашето искуство со демократијата кај нас очигледно е дека преовладува т.н авторитарен образец на култура и организирање на различни нивоа во општеството, вклучувајќи го и синдикатот. Тука ја гледам улогата на претседателот на синдикатот и во организацијата и во општеството“, вели професор Христова.

Синдикатот се финансира од членарината на работниците, а тоа најчесто е еден процент од нивната плата.

Савески вели дека и претседателската функција во ССМ, слично како и многу функции, може да доведе до ненаменско трошење на парите. Според него, затоа е многу важно да се воведе транспарентноста

„И она што не смее да си дозволи кој било синдикален лидер, бидејќи зема плата од работнички плати, кои и така не се високи, да земе да се луксузира врз грбот на работниците“, вели Савески.

Тој нагласи дека моралната величина на претседателот на ССМ е исклучително важна и додава дека би било позитивно ако се тргне оттаму во изборот на некој на таа функција.