Иселениците од САД обезбедија спасувачи на Дебарското Езеро

Спасувачи на Црвениот крст кои работат на Дебарското Езеро. Финасирањето на спасувачите е од татковинското здружение „Дибра“, на дебарските иселеници од САД.

Црвен крст во Дебар обезбеди обука на шест спасувачи кои работат на брегот на вештачкото Дебарско Езеро. Парите за спасувачите ги дава татковинското здружение „Дибра“, на дебарските иселеници од САД.

За прв пат на Дебарското Езеро оваа лето има спасувачи. Потребата од спасувачи е долгогодишна, но досега тоа не се случи, бидејки недостигаа средства за реализација на проектот, велат преставници на општината организација на Црвениот крст во Дебар. Во ова вештачко езеро речиси секоја година во летниот период има жртви. Поради ваквата состојба пред повеќе години беше покрената иницијатива за воведување екипи во текот на летото, како спасувачи на плажата, бидејки во летниот период бројот на младите кои се разладуваат во водите на езерото е голем.

„Повеќе години дебарчани го чекаа овој момент. Потребата од спасувачи на отворени води беше постојана. Проблемот беше во немањето на средства за да се обезбеди екипа на спасувачи. Ние како организација на Црвен крст обезбедивме обука на шест спасувачи кои сега имаат и лиценци, додека материјалната поддршка е целосна на татковинското здружение „Дибра“, на дебарските иселеници од САД. Цел на оваа екипа на спасувачи е превентивното делување на истите и контрола на местата одредени за капење, но исто така и брзо и ефикасно делување во случај на несреќи, односно давења“, вели секретарот на општината организација на Црвениот крст на Дебар, Исни Телкиу.

Брегот на Дебарското Езеро.

Според него потребата од спасувачи на вода оваа година доби силна поддршка од здружението на дебарските иселеници во САД со седиште во Њујорк , кои воедно имаат дадено гаранција дека спасувачи ќе има во наредните лета.

„Низа години претходно имаше иницијативи од страна на организацијата на црвениот крст, но и други организации на брегот на езерото да има екипа на спасувачи. Но немавме финансиска поддршка. Сега таква поддршка веќе обезбедивме“, додаде секретарот Телкиу.

Во општинската организација на Црвениот крст во Дебар информираат дека во соработка со раководството на здружението на дебарските иселеници во САД, се планираат и други проекти поврзани со летниот живот на младите во Дебар. Покрај другото се очекува да се спроведе проект за уредување на плажата како и одржување на хигиената на платата на брегот на дебарското езеро.

Секое лето во родниот крај во Дебар престојуваат околу три илјади иселеници од САД, од кои најголемиот дел се млади. Инаку според податоците на здружението на иселениците во САД од Дебар и регионот, таму живеат околу 15 илјади дебарчани.