Дали и понатаму ќе се соочуваат со несоодветно складирање на смет и недостигот на вода за пиење е постојана неизвесност на тетовци. Оставањето на сметот на влезот на градот од каде се ширеа опасности по здравјето, општината реши да го надмине со нова претоварна станица подалеку од Тетово, како и најава дека во иднина преку понатамошните фази ќе се работи на стандардизирање на регионална депонија и рециклирање на сметот.
Голем број партии и граѓански иницијативи, со јавно изразување на револтот, потенцираа дека градоначалничката Теута Арифи, чиј мандат завршува, не ги исполни ветувањата за надминување на проблемот со сметот. Валентин Тасевски, активист во доменот на екологијата, смета дека решението за сметот е парцијално, а не сеопфатно и дека понатаму ќе има слични проблеми.
„Мислам дека тоа што е направено со претоварната станица е само една капка во море, во она што значи целисходно, долгорочно и исплатливо решение. Вистинско решение за проблемот е едно долгорочно решение со депонија. Едно долгорочно одржливо решение со селектирање на цел отпад што се создава во градот и негово правилно користење“, рече Тасевски.
Градоначалничката Арифи не ја прифаќа вината.
„Се работи за решавање на децениски проблем. Како што се децениски сите проблеми на градот за кои очигледно градските власти порано имаа проблеми да најдат решенија. За нас беше многу важно да најдеме решение за проблемот како таков и тоа го направивме фазно“, изјави градоначалничката Теута Арифи.
За овие четири години мандат, Општината го догради новиот водоснабдителен цевковод и филтер станица. Сè уште се чека на нивно користење како долгорочно решение за недостигот од вода за пиење, кој сè уште се чувствува во делови од градот. Борче Бојовски од комуналното претпријатие потенцира дека нерационалното користење и со новиот водовод повторно може да се биде причина за недостиг на водата за пиење.
„Во нашите градски резервоари од извориштата на Шар Планина дотекуваат околу 450 литри вода во секунда. Двојно повеќе од колку што е неопходно. Да не се користи за тие намени за кои не е наменета водата за пиење, како полевање на зелени површини, полевање на плочници, улици, тротоари, за да не бидеме доведени во состојба да воведеме рестрикции“, вели Бојовски.
Активистот Тасевски вели дека и кај овој проблем не се согледува суштината како што е начинот на дистрибуција на водата.
„Општината е таа што е должна да го лоцира проблемот и да најде решение. Ако зборуваме за потрошувачката, треба да се свесни надлежните дека најголемиот дел од загубите во водата се во старата и дотраена неквалитетна мрежа“, смета Тасевски.