Неколку инфраструктурни проекти кои ги спроведе општина Тетово не ги надминаа проблемите со кои се соочуваат жителите на градот. Иако улицата „Иво Рибар Лола“ во Тетово темелно се реконструираше и се асфалтираше, тоа не е направено како што треба, се жалат станарите на потегот од стадионот до музичкото училиште. Велат дека повторно, како порано, при дожд се собира вода на улицата, а несоодветно е асфалтирано околу шахтите. Немаат улично осветлување поради дефект при обновата на улицата.
„Кога ја направија улицата ја асфалтираа, ја оставија шахтата вака. Цела ноќ поминуваат коли и се слуша тропање. Не дај Боже некоја кола ќе пропадне. Мислам дека треба да ја направат.“
„Само би рекла дека не се трпи ова веќе. Не знам што да речам друго. Слушате и самите. Нема мир, ни ноќум ни денум.“
„Од кога почна патов да се прави се слуша чукање и кога беше ненаправен и сега направен, памет ни вади. Не можеме да спиеме. Четири пет месеци веќе има“, велат граѓаните.
Во центарот на градот, иако се реконструираа тротоарите долж двете страни на булеварот Маршал Тито, движењето е отежнато. Тамошните станари објаснуваат дека тоа е поради недовршените работи и појавата на дупки.
„На улица Маршал Тито беа поставени во скоро време бехатонки, но сепак незавршени како што треба. Бидејќи не беа поставени граничници, самите бехатонки се растураат. Јас мислам дека тоа не е во ред. Треба да се заврши работата во целост“, вели еден граѓанин.
Боривое Стојчески од улицата Ивор Рибар Лола вели дека попусти биле нивните барања до општинските служби. Регистрирани се проблемите, но решенија нема.
„Дојдоа од КРО (комунална работна организација), видоа, констатираа и си заминаа. Две недели поминаа, од тоа нема ништо. Ако може да се помогне, ако не ќе слушаме тропање како покрај железничка пруга. Сијалициве не ни горат 5-6 месеци. И за тоа сум ургирал. Дојдоа еден ден, ја направија инсталацијата што била во дефект, но сијалиците не ги сменија“, вели Стојчевски.
Од општина Тетово соопштија дека ќе се надминат проблемите согласно можностите. Улицата „Иво Рибар Лола“ е реконструирана после неколку децении. Тротоарите на Маршал Тито сè уште се работат според соодветно идејно решение кое предвидува шеталиште наместо тротоар, како и клупи и зеленило.