Руска пропаганда за блокирање на напредокот кон НАТО

Русија има амбиции да го задржи своето влијание на Балканот, па затоа нема да прекинe со пропаганда. Таа ќе трае сè додека земјата не влезе во НАТО.

Веста дека премиерот Зоран Заев договорил промена на името за да обезбеди побрз влез во НАТО, е само продолжување на руската пропагандна машинерија која е интензивирана последниве две години во регионот, анализира стручната јавност.

Долгогодишниот дописник од Москва, Мирче Адамчевски вели дека овие амбиции на Русија да го задржи своето влијание на Балканот ќе продолжат и во наредниот период.

„Русите нема да прекинат со пропагандата, иако му ја честитаа премиерската функција на Заев. Но, се додека ние не влеземе во НАТО ќе има вакви обиди. Да не заборавиме дека постои и спрега меѓу руски агенции и српски медиуми, кои исто така, пишуваат за настаните во Македонија, а руските медиуми ги пренесуваат. Јас не очекувам да прекинат ваквите пропагандни активности“, вели Адамчевски.

Како и секоја медиумска пропаганда така и Русија ги користи своите медиуми да испрати порака и да го засили своето влијание врз конкретниот регион, додава Адамчевски

„Ние сме сведоци и на други пропаганди, не само на руската. Затоа што регионот е во некоја транзиција, ова е парче земја за коешто Русија сакаше да биде дел од воено неутралните зони на Балканот. Ништо не е невообичаено, тоа се процеси кои биле и ќе продолжат да течат. Наше е да си ги завршиме домашните задачи за влез во ЕУ и НАТО и да не потпаѓаме под влијание на некаква пропаганда“, вели Адамчевски.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски објаснува дека на патот кон ЕУ и НАТО земјите кандидатки се соочуваат и со многу проблеми и предизвици кои ја искривуваат реалната слика за состојбите. Дел од таквите предизвици се лажните вести и лажната пропаганда, вели Гаџовски.

„Сметам дека ќе бидеме подложни на таков тип на пропаганда особено од истокот и од Русија, а со цел Македонија да се успори или воопшто да не се постигне саканото интегрирање во НАТО,“ вели Гаџовски.

Гаџовски е убеден дека лажните вести и засилената пропаганда нема да имаат големо влијание врз граѓаните, кај кои вели дека постои зголемена свест за препознавање на лажна од вистинита информација.

„Мислам дека во оваа насока, кон приближувањето кон евроатлантските институции ќе се повтори истото. Ќе има вести дека Македонија ќе се соочи со проблеми и кризи доколку се интегрира во НАТО, но кај граѓаните има свесност дека тоа не е точно зошто ние долгo и напорно работиме на тие процеси и реформите поврзани со нив,“ изјави Гаџовски.

Откако веста на руски „Спутник“ дека Заев заедно со американската делегација договорил ново име за Македонија за побрз влез во НАТО, ја пренесоа и неколку српски медиуми, од Владата испратија демант со кој ги отфрлаат како целосно невистинити напишаните информации.