Со познатиот цитат од Крушевски манифест „елате браќа муслумани при нас да тргнеме против нашите и ваши душмани“ претседателот на Собранието Талат Џафери го почна своето обраќање на Мечкин Камен во Крушево. Со ова водачите на Илинденското востание и другите херои покажале дека имале високо развиени принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, рече Џафери.
„Ние имаме една заедничка татковина Република Македонија и сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развиваме за нас и за идните поколенија. Во исто време сите ние кои живее тука, или барем мнозинството граѓани споделуваме уште една заедничка определба, ако сакате и сон, а тоа е целосна интеграција во Европската унија и во НАТО“, рече Џафери.
За да се оствари овој сон додаде тој треба да се реши отвореното прашање за името со Грција а актуелната Влада и мнозинството активно работеле на затворање на ваквите прашања.
Заев и Борисов положија цвеќе пред гробот на Гоце Делчев
Камениот саркофаг во кој се наоѓаат посмртните останки на револуционерот Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје е местото од кое Бугарија и Македонија почнаа со заедничкото чествување на историски настани и личности.
Премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов беа првите кои што положија цвеќе на гробот на херојот. По нив тоа го направија и делегации од двете земји. На плоштадот до црквата претходно утринава пристигнаа премиерите, делегации, пратеници, амбасадори, граѓани. Таму премиерот Заев во своето обраќање за Илинден порача дека историјата и минатото се цврсти темели врз кои почнале, како што рече, да ја градиме евроатлантската иднина на Македонија.
Потребни ни се стабилност и развој, патот за Македонија е конечно отворен, додаде тој. Одговорноста денес значи храброст и одлучност да се гледа напред, нагласи премиерот во говорот во кој преовладуваа тонови за соработка дома и во регионот и ветувања за подобар живот за сите граѓани.
„Владата на Република Македонија постави добри основи за соработка и со другите соседи од регионот и имаме право да очекуваме дека во периодот што престои ќе добиеме и други испружени раце кон нас. Стабилноста, безбедноста, мирниот живот на граѓаните, економскиот развој, културната соработка, се потреби на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните на целиот Балкан, чијашто иднина се исто така ЕУ и НАТО. “ рече Заев.
Тој упати и апел за максимална и ангажираност од сите политички субјекти во државата и во институциите нагласувајќи дека ова е сериозна заедничка иницијатива и акција по периодот, на како што рече, најдлабоката политичка криза во историјата на современата државност.
Иванов-договорот е резултат на компромис
Два часа подоцна претседателот Ѓорге Иванов пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје рече дека на патот кон евроатлантските интеграции Македонија е уценета, а цената е премногу висока. Поради нашиот македонски идентитет нас ни се оспорува правото на просперитет и во такви услови две прашања ја тревожат јавноста, прашањето за името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, додаде претседателот. За името побара волја од двете страни, почитување на меѓународните договори и проширување на мерките за градење доверба. Со Бугарија, пак, треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја а таа започнува на 15 јануари 1992 година кога Бугарија прва ја призна Македонија, додаде претседателот.
„Договорот е резултат на компромиси кои не можат секого да задоволат. Ваквите договори се израз на компромис кој не може секого да задоволи што треба да се гледа од аспект на иднината а не на минатото. Ги повикувам двете влади да придонесат кон исполнување на целта на договорот вклучително и преку мешовитата комисија која треба да работи на градење на доверба и пријателство“рече Иванов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претседателот имаше забелешки и за кохабитацијата со новата влада. Рече дека кај него ќе поминеле само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите. Во однос на ребалансот на Буџетот, забележа дека претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба, а нагласи и дека ќе ги поддржел системските реформи на системот за национална безбедност во согласност со уставните надлежности на Советот за безбедност на Македонија.
Анѓушев-Македонија конечно е на вистинскиот правец
Од меморијалниот центар Пелинце вицепремиерот Кочо Анѓушев порача дека се менуваат и треба да се менуваат владејачките гарнитури во една демократска земја, но дека тоа што треба и мора да биде заедничко за сите, е чесната намера и посветената работа за доброто на сите граѓани.
Тој уште еднаш ги пренесе, како што рече, јасните, прецизни пораки и поддршката од стратегиските и искрени пријатели од Европската унија искажани на неодамнешениот Самит во Трст.
„Нашите пријатели сметаат дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и порачуваат да се обединиме за исполнување на заедничкиот интерес за остварување добри перспективи за нашите граѓани“, рече вицепремиерот.
Оваа година 114 години од почетокот на Илинденското востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ се празнува под мотото Наша Македонија- без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања.