ВМРО-ДПМНЕ конечно се изјасни: нема да гласаат за Договорот за добрососедство со Бугарија во Собранието во предложената форма зашто „можеби не веднаш, но по една и повеќе години“, како што пишува во соопштението, „Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми“. Владимир Переловски веднаш коментира на ФБ страницата на РСЕ: „Никој не ве ниту праша ниту ви побара поддршка“, а Шабан Хамза: „За жалење сте бре вмровци“.
Информацијата дека во новиот Извршен комитет на опозициската партија ги нема функционерите против кои СЈО покрена обвиненија, како Мијалков, Јанкулоска, Јанакиески и повеќемина други, а на пример Богдан Илиевски, попознат како Бетмен од протестите „За заедничка Македонија“ е нов член на високото тело на Партијата, Љубомир Стојоски ја искоментирал на следниов начин: „11 години пљачкање, сега Бетмен ќе ги спасува, но заслужи, 2 месеца на улица потрчко им беше“. А Менде Пешевски со иронија: „Па и овие што не се во Извршниот, кога дојдоа во ДПМНЕ беа чесни. Редно е и други нови да се обесчестат и малку да се збогатат.“ Но, Жарко Столески е убеден дека ВМРО пак ќе победела зашто, постирал, „СДС не го сака народот, го сакаат само профитери“. Катерина Цветковска реагира зошто во високиот орган на ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат да бидат избрани и спортисти: „Ај ова пратенициве што се прават болни мајмуни, крадат, и мама ни расплакаа, ама спортистиве и актериве што цел живот сами се килават со сопствен труд да го постигнат тоа што се, да дозволат некои неписмени криминалци да ги пуштат низ вода за тие да се спасат, нека се утепаат поарно.“
На нашата ФБ страница има многу негативни коментари за претставувањето на американската воена опрема во неколку градови на војниците што ќе учествуваат во заедничката воена вежба со македонската армија на Криволак. Сафет Јакупи напишал: „Место да претставувате нешто добро, проекти за школо, вие учите деца како да користат оружје.“ А Алекса Дори постирала: „На културен начин влегуваат, после о леле, кој ги пушти.“ Игор Цветковски, пак, се клади дека доколку руска армија дојде да вежба во Македонија, „ќе има илјада пати повеќе радосни деца, мајки, татковци, а вие нема да известувате исто“.