Козметичка, а не реална промена препознаваат дел аналитичари во последните измени во извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Познатите имиња од досегашното владеење на партијата излегоа, а влегоа дел за пошироката јавност непознати, а некои гласни активисти кои досега негираа директна поврзаност со партијата, или, пак, се промовираа како независни аналитичари, како Никола Србов од Стоп операција Сорос или Богдан Илиевски од иницијативата За заедничка Македонија.
Од извршниот комитет, пак, излегоа сите што се обвинети од Специјалното јавно обвинителство, освен партискиот лидер Никола Груевски и пратеничката Даниела Рангелова.
Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека ова се сепак само површни промени.
„До реформи во ВМРО-ДПМНЕ може да дојде само кога внатре во партијата ќе се организира фракција која ќе побара смена, најпрво на Груевски како најодговорен за политиката на партијата во последниве години, па потоа надолу и до останатите функционери“, вели Незири.
Ненад Марковиќ, професор на правниот факултет Јустинијан Први, смета дека ова било нужен потег на ВМРО-ДПМНЕ. Но, како што вели, според неговиот впечаток не поминал добро кај старото членство на партијата кое забележувало на опортунизмот на некои нови членови на високото партиско тело.
„Тие сакаа да покажат промена, но да бидам прецизен, никаква промена не може да има ако не се тргне самиот лидер. Јас ова повеќе го сфаќам како една козметичка промена, отколку како каква било супстантивна промена во политиките на партијата“, вели Марковиќ.
Дека следуваат промени во партијата најави и самиот Груевски на партискиот роденден минатиот месец. Тогаш тој рече дека се во фаза на внатрепартиско преструктуирање и кадровско освежување со цел враќање на власт. Најави и дека партијата мора да се реструктуира, во насока на подобрување на односите со меѓународната заедница и на изградба на автентична политика кон „помалите“ етнички заедници.
„Во партијата ги знаат тие две слаби точки, а има и трета, отворање на фронтови со внатрешни социјални актери како приватниот сектор и универзитетот. Овие проблеми ќе мора да ги затворат ако сакаат да се вратат во повитална форма. Но и ова не верувам дека е можно ако не дојде до промена во врхушката“, вели Марковиќ.
Инаку, во новиот извршен ги нема Мартин Протеѓер, Сашо Мијалков, Владимир Пешевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, сите обвинети во предмети на СЈО. Од новите лица покрај Илиевски и Србов, се Александар Тргачевски, директор на финансиска полиција, поранешниот кошаркар Дејан Јовановски, Дијана Транталовска од ветераните на ВМРО-ДПМНЕ и неколкумина други. Од досегашните имиња остануваат пратениците Владимир Ѓорчев, Илија Димовски, Антонијо Милошовски, Даниела Рангелова, Емил Димитриев, поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски и неколку други.