Последната вест за раст на бројот на туристи во Македонија за 18 проценти одекна во медиумите како голем успех, особено што растот доаѓа во период на политичка криза и нестабилна состојба на државата. Но, бројките во основа покажуваат дека минатогодишната туристичка сезона го достигна нивото од 1978 година. И тогаш како и лани во земјава влегле 860 илјади туристи. Според податоците од Државниот завод за статистика, златните денови за туризмот во земјава биле 80-тите години од минатиот век кога бројот на посетители се движел од 970 илјади во 1980 до 1,2 милиони во 1987 година. Најлош период во туризмот за Македонија е од 1995 до 2007 година, поради воените конфликти во регионот, кога во просек во земјава влегувале околу половина милион туристи.
Туристи на поминување
Годинава ја стартуваме со помалку од сто илјади туристи. Само во првата половина од оваа година во земјава пристигнале речиси 70 илјади туристи од кои скоро 50 илјади се странски, а додека според бројот на ноќевањата, се гледа дека тие не се задржале повеќе од два дена. Од друга страна ако се погледнат податоците од каде најмногу ни доаѓаат странските туристи, може да се забележи дека Македонија е интересна дестинација за Турција од каде годинава дошле 10 илјади туристи, кои според ноќевањето во просек се задржале во земјава околу ден и пол. Нешто подолго се задржале туристите од Грција и Бугарија. Оттаму ја посетиле земјава вкупно девет илјади туристи. Четврта на листата странски туристи е Србија со над три илјади посетители. По неа на списокот е Германија со речиси две илјади туристи во Македонија, а потоа следуваат Албанија, Косово, Словенија и САД со околу илјада посетители.
Македонија за туризам не може да му конкурира на соседството
Македонија минатата година ја заврши со 857 илјади туристи, што е за 40 илјади повеќе од годината претходно. Со овие бројки Македонија не може да им биде конкуренција на земјите од соседството. Колку за споредба, во Албанија според податоците од албанскиот Институт за статистика само во април влегле 200 илјади туристи, додека во текот на минатата година влегле 1,8 милиони туристи. Од друга страна, само за новогодишните празници Белград го посетиле 110 илјади странски туристи, јавуваат српските медиуми.
Да се препише рецептот за успех
За да може да зборуваме за вистински туризам во Македонија потребно е прво да се обидеме да застанеме во строј со соседните земји кои се далеку од нас во однос на бројките и понудите, но се доволно блиску за да го препишеме нивниот рецепт за успех, вели долгогодишниот туристички работник Ангел Иванов. Иванов целиот свој работен век го посветил на туризмот, во одреден период бил и претседател на собранието на Стопанската комора за туризам, но вели дека пензионерските денови ќе ги поминува разочаран, затоа што не доживеал да ја види Македонија да порасне во посакувана туристичка атракција. Тој вели дека во изминативе 40 години во земјава работите околу туризмот многу бавно се менувале, за разлика од случувањата во регионот. Туристичките стандарди по кои се води земјава, се исклучиво македонски и не може да се мерат со современите туристички стандарди, објаснува Иванов.
„Сега ќе ви кажам дека како дестинација Златибор има еден милион ноќевања годишно, а Дубровник има три милиони ноќевања годишно. Со кого да се споредиме, самите со себе единствено. Овие стандарди што ние си ги поставуваме за скок во далечина и скок во височина се наши, исклучиво наши стандарди кои никаде освен во Македонија не важат. Оваа бројка за 2017 да ја кажете во Златибор само од култура нема да ве исмеат, иако е многу смешна“, вели Иванов.
Колку за споредба, бугарската министерка за туризам, Николина Ангелкова на конференцијата на Светската туристичка организација се пофали дека во 2016 година во Бугарија пристигнал рекорден број на странски посетители, вкупно 8,2 милиони туристи. Само за зимската сезона бројот на туристи во Бугарија изнесува 800 илјади. Грчкиот премиер Алексис Ципрас се пофали дека минатата година неговата земја нагостила 27 милиони туристи, а годината претходно ја завршиле со 23,6 милиони туристи.
„На далеку се слуша нашата фама, кога ќе кажеме дека сме надминале еден милион патници годишно, а Приштина сама има два милиони, и островот Крф има два милиони патници годишно“, вели Иванов.
По заработката од туризам на самото дно
Доколку зборуваме во пари, според годишната заработка од туризам, Македонија и Косово се на самото дно во регионот, покажуваат податоците од Светска банка. Косово ни прави друштво на дното, затоа што нема податоци за него во анализираниот период на Светската банка од 1995 до 2015 година.
Во тој период од 20 години во целиот регион туристичките приходи се во пораст, иако во првата деценија од тој период во дел од земјите од регионот имаше војна.
Македонија во 1995 година со околу половина милион домашни и странски туристи заработила 19 милиони евра, но 20 години подоцна со 820 илјади туристи годишната заработката изнесувала 270 милиони долари.
Па така Босна во 2015 година заработила 700 милиони долари, а Србија пак 1,3 милијарди долари. Ова се земји кои што исто како и Македонија немаат излез на море, но од друга страна нашите соседи кои имаат море, на пример Албанија, пред 20 години заработувала 70 милиони долари од туризам, а во 2015 заработила 1,6 милијарди долари. Соседна Бугарија во 2015 година заработила 3,5 милијарди долари а Грција, пак, 17 милијарди долари.
„Ние се однесуваме како ова да е осми ден од постанокот на светот, е сега што треба да направиме? Па светот постои толку време. Ама ние сè некако тапкаме со години, сè некако се прашуваме и си кажуваме самите на себе дека секоја година сме 10 отсто подобри од минатата година“, вели Ангелов.
Има што да им се понуди на туристите, потребна е стратегија
Планински, алтернативен, манастирски, бањски, транзитен и хотелиерски туризам. Македонија има што да им понуди на странските и на домашните туристи, но потребна е квалитетна и обемна стратегија за да има целосна искористеност велат туристичките работници. Досегашните обиди со субвенционирање покажаа делумни резултати, но тоа не е доволно, велат дел од нив. Езерскиот и градскиот туризам со фокус на Скопје се главните дестинации засега, но потребно е да се напушти клишето на масовен туризам и да се посветиме на западните трендови на активен и пасивен туризам, со цел привлекување на високобуџетни гости, вели извршниот директор на Стопанска комора за туризам на Македонија, Биљана Пејоска Ристеска.
„Значи ако имате таргет група од високобуџетни гости, тогаш треба да се оди на развој на формата на туризам којашто е барана моментално во светот. Тоа се велнес и спа центри. Имаме огромен потенцијал за тоа. Знаете, бањскиот туризам во Македонија и во минатото беше доста развиен, со тоа што на забот на времето се оставени дел од таквите капацитети“, вели Пејоска Ристеска.
Во однос на сместувачките хотелски објекти со кои располага земјава, добра беше мерката за субвенционирање на хотели со три ѕвезди, но недостигаат хотели со пет ѕвезди, додава Пејоска Ристеска.
„Во овој момент ако ја земеме за пример охридско-струшката ривиера, имаме само еден хотел со 5 ѕвезди којшто не може да апсорбира поголем број на туристи. Ние како комора имавме преговори со странски туристи од Иран кои беа високобуџетни, но не можевме да договориме затоа што нема каде да ги сместиме. Можете само до 100 или 150 гости да сместите, но не и цел чартер од 200 до 250 гости, вели Пејоска Ристеска.
Потребно е на туристите да им овозможите лесна рута на движење, затоа што современиот турист сака во еден ден да го види и искуси Скопје, а веќе наредниот да тргне кон друг град, објаснува Иванов.
„Кога туристот ќе слета на скопскиот аеродром, од таму треба со брз превоз да стигне до турската чаршија за да руча, па од таму да може едноставно да стигне да ја види Матка, па да може со добар поврзан превоз да се искачи на Милениумскиот крст за да го види цело Скопје. Тоа во светот е поврзано како копчињата на еден капут. Ние таков капут сè уште не сме сошиле за жал“, посочува Иванов.
Тој објаснува дека современиот турист истражува пред да патува и дека сака рационално да го потроши времето, за што помалку денови да види што е можно повеќе.
Недостасува туристичка инфраструктура
Но тоа не е сè. Ако сакаме да привлечеме туристи на убавите планини потребно е да ја има и останатата инфраструктура, велат луѓето кои се обидуваат да го развијат алтернативниот туризам. Шар Планина и Попова Шапка се познати како дестинација, но не смее за посетителите да биде проблем на пример паркингот, вели Владо Србиноски, претседател на балканска Асоцијација за алтернативен туризам Балканија.
Од друга страна, пак, македонските ски центри со години се во сенка на поразвиените зимски одморалишта во Србија и во Бугарија, иако имаат исклучителен природен потенцијал.
Туристичките работници велат дека без дополнителни инвестиции во инфраструктурата, нови жичарници и вештачки снег, туристите и натаму ќе ја заобиколуваат Македонија.
Професор Науме Мариновски од Факултетот за туризам во Охрид укажува и на нестручни планирања на туристичкиот развој кои може да нанесат големи штети особено на природата. Мариновски вели дека Македонија има одлични природни услови за развивање на зимски туризам, но е неопходно да се направи стратегија по која ќе се делува плански и ќе овозможи развој на оваа област. Основа за таква стратегија има, може да се базира на истражувањата од 70 години од минатиот век од врвни експерти, вели тој.
Од друга страна, ако зборуваме за летен туризам, Охрид поради културното наследство и езерото се смета за најразвиен туристички град во земјава. Но поради градежната експанзија, Охрид неодамна доби жолт картон од УНЕСКО. Според последниот извештај на УНЕСКО причините за ранливата состојба на Охрид се зголемениот сообраќај и притисокот од туризмот поврзани со неадекватни инфраструктурни проекти, вклучително и предлогот за изградба на ски центарот „Галичица“, како и поединечниот и некоординиран урбан развој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Иновации и инвестиции за привлекување туристи
Природата и културното наследство не се доволни за развој на туризам, тие се добра стартна позиција но за вистински развој кој ќе донесе голем приход во државниот буџет е потребна стратегија и иновативен пристап велат професорите и туристичките работници. Според податоците од Светската банка, западните земји заработуваат и по неколку десетици милијарди долари годишно од туризмот.
Љупчо Наќев
Светската туристичка организација на Обединетите нации проценува дека до 2030 година, во светот ќе има околу 1,8 милијарди туристи годишно. Според истиот извор, туризмот е најбрзо растечка индустриска гранка и двигател на социо-економскиот развој.
Речиси сите држави во светот настојуваат да привлечат што е можно поголем број туристи, а само природните богатства или културно-историското наследство на некоја земја не се доволни за зголемување на приходите од туризмот. Затоа, постојано се инвестира во туризмот и се применуваат нови идеи и иновации.
Пример број еден: Куба – инвестиции
Во центарот на Хавана деновиве беше отворен ексклузивен хотел со 5 ѕвезди, менаџиран од Кемпински, но во сопственост на кубанската влада. На отворањето беше и кубанскиот министер за туризам Мануел Мареро.
„Има барања од луѓе со голема куповна моќ, кои сакаат многу луксузни хотели и ние им го нудиме тоа што го сакаат“, изјави Мареро во таа прилика.
Овој карипски остров има природни убавини, но сместувачките капацитети главно се од ниска или средна класа, па се потребни и луксузни објекти, иако постојат предизвици во смисла на одржувањето на стандардите во држава со строго контролирана економија. Сепак, туризмот е една од светлите страни на кубанската економија. Мареро изјави дека годинава на Куба се очекуваат над 4 милиони туристи.
Кубанците, кои работат во приватниот сектор, во ресторани, како такси возачи или туристички водичи, сметаат дека отворањето луксузни хотели ќе биде добро и за нив.
„Мислам дека секое подобрување во земјата е добро и за нас. Хотелот претходно беше грд, сега е убав“, вели жител на Хавана.
Сепак, ова е само почеток, а на Куба уште многу треба да се вложува. Објектите кои датираат од 20-тите и 30-тите години, се речиси руинирани.
Пример број два: Швајцарија – иновации
Во Швајцарија не недостигаат луксузни капацитети, но туристичката понуда ја прошируваат и со разни проекти. Ноќевање во двокреветна соба, на отворено, за околу 300 долари. Ќе добиете пијалак на доаѓање, појадок наутро, а домаќин ќе ви биде локален фармер. Ќе ве придружува до локацијата, ќе ве информира за времето и за други работи. Тоа е хотелот на отворено со нула ѕвезди, концептуален уметнички проект. Гостите спијат на отворено со прекрасен поглед на Швајцарските Алпи. Креатори се браќата Патрик и Франк Риклин.
„Инсталацијата е поставена на отворено, како уметничко дело и наликува на пејзаж, направен со фотошоп. Сега е збогатен со вистински гости и вистински персонал, всушност луѓе што живеат во овој регион.“
„Имаме барања од целиот свет. Креветот е речиси 80 отсто букиран. Доаѓаат луѓе од Ирак, Америка, Австралија, Африка, Англија, од секаде, млади стари. Нема таргет група“, велат браќата Риклин.
За концептот „ноќ под ѕвездите“, креаторите велат дека креира нова реалност, од која традиционалните хотелиери во Швајцарија не се многу воодушевени.