Достапни линкови

УНЕСКО - Охрид да ги разгледа опциите за еко-туризам


Охридско Езеро, Охрид.
Охридско Езеро, Охрид.

Потребно е запирање на сите проекти во охридскиот регион кои ќе ги уништат неговите вредности, посочуваат невладини организации, откако Комитетот за заштита на културно наследство на УНЕСКО ја потврди загриженоста за ситуацијата која може да доведе до неповратни промени во Охрид.

УНЕСКО по посетата на Охрид во април годинава објави извештај во кој наведе оти состојбата е се поранлива, а причините за тоа се зголемениот сообраќај и притисокот од туризмот поврзани со неадекватни инфраструктурни проекти во Охрид, вклучително и предлогот за изградба на ски центарот „Галичица“, како и поединечниот и некоординиран урбан развој.

УНЕСКО препорачува откажување од инфраструктурните проекти, но и неменување на постоечките зони на заштита во Националниот парк „Галичица.“ Оттаму наведуваат дека Македонија има рок од две години да ги исполни сите нови обврски од годинашниот извештај, но и од минатиот од 2016 година, во спротивно Охрид ќе биде ставен на листата „Светско наследство во опасност“. Организацијата препорачува македонските власти да ги разгледаат опциите за еко-туризам бидејќи градежните пректи ќе доведат до неповратни промени во заштитеното подрачје.

Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ истакнуваат дека повеќе од три години се борат против незаконската одлука за промена на зоните на заштита во Националниот парк „Галичица“ кои овозможуваат изградба на проектите.

„Владата и Парламентот треба да ги стопираат инфраструктурните планови во Охрид и да обезбедат спроведување на Законот со управување на охридскиот регион кој предвидува да биде изготвен и спроведен и Планот за управување со регионот со соодветна на влијанието врз животната средина“, вели Искра Стојковска од граѓанската организација „Фронт 21/42“.

Таа посочува дека е апсурдно прво да се планираат какви било инфраструктурни пректи, а потоа да се имплементира закон за заштита и изготвување на план за управување.

И граѓанската организација „Еко-свест“ ја поздрави одлуката на УНЕСКО, наведувајќи оти експерти од различни области изразиле став дека ваквите проекти директно го загрозуваат биодиверзитетот на охридскиот регион. Оттаму посочуваат дека изразуваарт загриженост за повторувањето на планот за изградба на спорниот пат Охрид-Пештани-Св. Наум во изборната програма на СДСМ.

„Не е јасно дали станува збор за реконструкција на постојниот патен правец и подобрување на безбедноста на истиот или за нов пат низ планината Галичица“, велат тие.

Од „Еко-свест“ информираат дека во моментов работат на изработка на физибилити студија за одржлив транспорт од Охрид до Св. Наум, која ќе даде решенија за изградба на велосипедска патека, автобуски и бродски транспорт на соларна енергија и ќе се разгледуваат можностите за одржливо урбано планирање на градот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG