Се уште не се знае на која од следните собраниски седници пратениците ќе расправаат за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, за што пак е потребно просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување.
Доколку се изгласа разрешувањето, се распишува конкурс за нов државен обвинител, кој трае 15 дена. По завршувањето на конкурсот, Советот на јавни обвинители има право два пати по 15 дена за да даде позитивно или негативно мислење за кандидатите, а доколку не се произнесе, тогаш ќе се смета дека мислењето е позитивно. Доколку, пак, Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, во тој случај огласот се повторува.
Зврлевски стана државен јавен обвинител во јануари 2013 година. Во четири и полгодишниот мандат неколку крупни предмети со обвиненија за корупција останаа нерешени. СДСМ го обвинуваше за пристрасност и блискост со претходната власт. Неговото име се споменуваше и во прислушуваните разговори од „бомбите“ на Заев, кога во еден од разговорите поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски разговараат за стопирање на една судска постапка. Зврлевски, пак, тврдеше дека немал ургенции за ниту еден судски предмет.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Упатените во оваа област велат дека во изминатите 10 години јавниот обвинител бил ставен „под капата на извршната власт“. Но, сепак поранешниот јавен обвинител Александар Наков смета дека наследникот на Зврлевски може да биде професионален и да не потпаѓа под влијание на една или друга политичка партија.
„Сето тоа зависи од личноста на јавниот обвинител. Затоа апелирам до сите луѓе кои имаат компетенции да одлучуваат за изборот на новиот јавен обвинител да водат сметка за личноста, стручноста, неговиот интегритет, неговиот авторитет во јавноста и во средината во која живее и работи. Акцентот сепак го ставам на личноста“, вели Наков.
Од самиот јавен обвинител зависи дали ќе дозволи некој да му се меша во работата или не. Еве како сликовито, Наков опишува каков авторитет треба да биде јавниот обвинител
„Јавниот обвинител мора да е личност од која кога ќе добиете повик, ќе ви се стресат ногавиците, а не да оди по балови и со тоа се компромитира и тој и функцијата којашто му е доделена од страна на државата“, дециден е Наков.
Експертите велат дека е можно да се врати угледот на институцијата Јавен обвинител. Уверуваат дека најбрзиот пат до таа цел е преку водење бескомпромисна борба против сторителите на кривични дела, без разлика на тоа каква функција извршувале.