„Златна петорка“ со Гран при на Фестивалот на кинематографии на Југоисточна Европа

„Златна петорка“ на Горан Тренчовски е добитник на Гран При за најдобар долгометражен филм и за остварување со најдобра монтажа на штотуку завршениот Фестивал на кинематографиите на Југоисточна Европа што се одржа во Париз, Франција. Ова е четврта значајна интернационална награда за делото по само осум месеци од неговото премиерно прикажување на Меѓународниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон.

Во силна конкуренција од 15 регионални остварувања, интернационалното стручно жири на Фестивалот на кинематографии на Југоисточна Европа, кое патем се одржа од 30 мај до 3 јуни во Париз, Франција, му додели Гран При за најдобар долгометражен филм на „Златна петорка“ на македонскиот режисер Горан Тренчовски. Исто така, делото чиј продуцент беше „Револушн“ од Скопје ја освои и наградата за монтажа, а која во случајов ја потпишуваат искусните мајстори Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов.

По главната награда „Златен грифон“ на Фестивалот во Перуџа, Италија, и по Специјалната награда во Москва, ова е четврта интернационална награда за „Златна петорка“ од 10-те учества на меѓународните манифестации во изминативе осум месеци по премиерата на филмот на Меѓународниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон.

Горан Тренчовски истакнува дека признанијата се голема мотивација и за него лично и за целата екипа која работела на филмот и дека на овој начин тие не само што добиваат верификација за својот труд туку и мотивација за натамошните исчекори во промоцијата на македонскиот филм и македонската кинематографија.

„Сметам дека сме направиле полн погодок и во изборот и во третманот на темата затоа што ние паралелно водиме два наративни тека – и историски и современ. И тоа како висока оценка го прифаќаат на светските рафинирани филмски фестивали, па така и потврдата дека е најдобра и монтажата, та и другите награди коишто ги добивме, всушност кажуваат дека сме имале компактен производ во оваа наша „Златна петорка“, вели режисерот.

Тој дополнува дека нивната визуелизација на сторијата за судбината на петтемина струмички студенти до крајот на годината ќе биде прикажана на уште неколку значајни светски манифестации.

„Фестивалската епопеја и секако признанијата верувам дека ќе продолжат и во следниот период. До крајот на оваа календарска година имаме уште 10-на потврдени фестивалски селекции, на кои делумно ќе бидеме присутни и ние како автори, некаде јас како режисер, некаде продуцентот, некаде дел од актерската екипа, и сметам дека тие меѓународни прикажувања ќе му дадат една друга димензија на овој филм и автоматски дистрибуцијата и на нашата територија, во Република Македонија, ќе продолжи некаде од летниот период затоа што за релативно кусо време „Златна петорка“ го видоа само 15 илјади гледачи, а интересот расте уште повеќе“, вели тој.

Од друга страна, интересно е и тоа што продуцентската куќа „Револушн“добила понуда од една голема телевизиска компанија за европска и прекуокеанска дистрибуција на филмот која подразбира изработка на ДВД и „блу-реи“ копии и специјална промоција на една од познатите глобални ТВ мрежи, а веќе има и неколку потенцијални копродукциски страни за поддршка на новиот филмски проект на Тренчовски.

Режисерот, пак, иако се надева на разбирање во матичната средина за таквата своја идеја, сега засега, поучен од искуството и сите случувања при настанокот на „Златна петорка“, воопшто не е расположен да говори за својот следен филмски исчекор.

„Мислам дека е сè уште рано да се зборува за таков еден потфат, како што не би сакал во една ваква прилика да си припомнувам за третманот односно „поддршката“ што ја имаше „Златна петорка“ како нискобуџетен и како дебитантски проект од Агенцијата за филм. Не би сакал затоа што сега тоа би било сфатено како „плачење“ а резултатите се најважни. Она што било претходно како препреки, како совладување на невозможни мисии го забораваме и се надевам дека во иднина нема да се повторат таквите практики“, појаснува Тренчовски.

Инаку, тој, на 3 јуни, во рамките на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа, одржа и мастер-клас на културолошко-образовниот институт ИНАЛКО (Национален институт за јазици и ориентални цивилизации) на Универзитетот Сорбона, каде што зборуваше на тема „Литературата и филмот“.