Успеавме другари!

Стефан Богоев, претседател на СДММ, пратеник од СДСМ

Еден голем и суштински битен дел од работата е завршен. Режимот е полумртов. Траеше долго, мачно беше, но вредеше сè што жртвувавме во борбата, пишува претседателот на подмладокот и пратеник од СДСМ, Стефан Богоев во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Прва моја колумна во слободна Македонија. Да да, знам дека на многумина сè уште не ни се верува, сè уште ни е нереално, но сепак, на лицата на граѓаните веќе се чувствува промената и слободата. Доволно е да излете во вашата населба или да прошетате низ парк. Точно, парковите сè уште стојат претворени во мини депонии, а џебот на граѓаните е сè уште празен, но сепак, кај сите постои некакво задоволство и среќа, постои некое чувство на успешно завршена работа. И со право!

Еден голем и суштински битен дел од работата е завршен. Режимот е полумртов, главата му е во хаотична состојба како на грогиран боксер, рацете му се отсечени и е оставен без стапот и морковот. Траеше долго, мачно беше, на моменти и многу ризично, но на крајот успеавме. Вредеше сè што жртвувавме во борбата.

Кога ќе се навратам наназад, активен сум политички од 2009 година. Но, вистинската борба започна на изборите во 2011, продолжи во Отпорот, се интензивираше со бомбите, протестите, Кампот на слободата и речиси кулминираше со Шарената револуција. Со многумина од вас кои го читате ова слободарско четиво бев заедно во овие битки. Мрзневме цела зима со Отпорот, ја споделувавме насекаде Вистината за Македонија, кампувавме пред Влада на +40 степени, искинавме безброј рала патики за време на протестите и Шарената. Борбата со режимот нè чинеше многу. Одзема многу време, сила и енергија на секој од нас. Во борбата, сите ги запоставивме нашите блиски, пријателите, смејеството. Нè чинеше борбата и пари, трошок беше за секој од нас. Нејсе, вредеше и тоа допрва ќе го сфатиме! На крајот на краиштата, колкава е веројатноста на човек за време на животниот век да му се случи да биде дел од историјата? Да спие во шатор пред Владата или да биде дел од револуција? Ова не се случува често, тоа што на нас ни се случи е чест и среќа.

Сепак, погоре споменав дека голем дел од работата е завршен и дека на режимот му е зашеметана главата и отсечени рацете. Но, имаме уште работа! Борбата подолжува, иако повторно ја менува формата.

Најпрво, сите ние треба да бидеме од помош на реформската Влада. Знам, некој ќе рече „министрите земаат плата, тие нека му ја мислат“, но не е така. Тие ќе бидат наши претставници и првоповикани, ама сепак и сите ние останатите треба да сме дел од овој процес на ревитализирање на Македонија. На пример, екстерното веднаш го укинавме и сум бескрајно горд на тоа, но реформите во образованието ќе ги носиме со вас, наставници и ученици кои денес ме читате. И тоа ќе биде така во секоја сфера на општеството. На Македонија сме и потребни, а потребни сме си и на сами себе да си помогнеме. Свртевме заедно нова страница во историјата, сега е редно да ја испишеме со убави стихови.

Вториот аспект кој сакам да го споменам како дел од преостанатата и незавршена работа на нас, граѓаните слободари се локалните самоуправи, односно општините. Тоа се нозете кои сè уште го одржуваат режимот полумртов и потклекнато застанат. Таму во изминатите скоро 11 години се случуваа безброј криминали и коруптивни скандали, добар дел од нив слушнати во бомбите. Општините беа и сè уште се злоупотребувани за партиски вработувања за нестручни и неписмени кадри. Во октомври, имаме уникатна шанса да си ги вратиме и општините назад кај нас, граѓаните на Македонија. Ни претстои и таму жестока и тешка битка, но истото го мислевме и пред 5 години. Па каде сме сега, каде бевме тогаш!?

Другарки и другари, поминавме многу премрежија, прескокнавме безброј сопки и препреки, одолеавме на многу непристојни понуди и предлози, извојувавме многу тешки победи, претрпевме и уште потешки порази. Но тука сме, среќни, насмеани и слободни. Добивме уште една огромна битка, но допрва не чека многу работа. Зборот е збор. Сме ветиле и сега треба да реализираме. Тргна со екстерното, сега треба да продолжи со нешто друго. Бидете спремни сите бидејќи сите сте и сме потребни. Како што почнавме пред многу години, така сега и продолжуваме. Заедно!

Лично се заблагодарувам на сите млади кои беа дел од оваа историска борба! Капа доле другари!

Да живее слободна Република Македонија!

П.С. Сега е дојдено време во Македонија кое најдобро го има опишано поранешниот претседател на САД, Џон Кенеди. Не прашувај што може твојата земја да направи за тебе - прашај што можеш ти да направиш за својата земја.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.