Веста на денот, ако не и на неделата, ја објавуваат сите печатени медиуми и интернет портали, се разбира, некои со наслов кој зависи од политичката провиниенција на уредништвото, некои професионално и неутрално.
„Заев го доби мандатот, за 20 дена треба да состави влада“ – информира Утрински, кој ги објавува и изјавите на претседателот Иванов, дека „пречките за доделување на мандатот се надминати“, и на мандатарот Заев дека „основна цел на Македонија е да изгради едно општество за сите“. Утрински ја објавува и изјавата на Никола Тодоров на прес-конференција по доделувањето на мандатот на лидерот на СДСМ: „Протестите успешни, има гаранции за унитарноста на државата“.
Вечер на насловната објави: „Црвените линии на Иванов ја срушија Тиранската платформа“, па вади поента од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Заев е прв мандатар кој потпишува гаранции за суверенитетот на земјата – ја следиме состојбата“.
Дневник наслови: „Гаранциите за унитарност добиени, мандатот даден“. Слободен печат напиша: „На политичката криза во Македонија ѝ се гледа крајот – мандатот во рацете на Заев“.
Под фотографијата на Иванов и Заев, Слободен печат објавува текст: „Челникот сепак попушти“.
Покрај главната вест, Нова Македонија информира за заедничката изјава на високата европска двојка, Могерини и Хан: „Очекуваме брзо формирање влада која ќе биде посветена на спроведувањето на сите делови од Договорот Пржино и Итните реформски приоритети“.
Се огласи и германското МНР: „Добро е што претседателот Иванов попушти“.
Нова Македонија и Утрински во електронските изданија ја објавуваат и најновата вест дека судското рочиште на деветтемина осомничени за упадот во Собранието на 27 април е одложено за 23 мај затоа што едниот од осомничените не се појавил во судот.
Сите печатени медиуми објавија дека иницијативата „За заедничка Македонија“ го оспорила изборот на Талат Џафери пред Уставен суд.
Утрински пишува: „СЈО повторно побара притвор за Кочан, одбраната тврди дека е сериозно болен“. Дневник, пак, го објавува објаснувањето на претседателот на Врховниот суд, Вангеловски зошто е укинато решението на Основен суд Скопје 1 за притвор на осомничениот бизнисмен: „Во случајот со Кочан е згрешено со жалбата за притвор“ , изјавил Вангеловски.
Од светот: Утрински ги пренесува француските медиуми кои информираат дека е во тек „Нов масовен кибер напад“ што може да зафати стотици илјади компјутери низ светот. Американската фирма за кибер безбедност „Пруфпоинт“ открила нов кибер напад надграден од оној на петочниот вирус кој нападна илјадници компјутери на 200 илјади фирми во светот.
А од дома, покрај политичката криза која почна да мрднува од статус кво позицијата, време е за матурските прослави. Утрински објавува: „Додека трае матурската треска, родителите пред банкрот“. „Родителите без двоумење ги празнат паричниците, кредитните картички... воопшто не го штедат својот буџет за да им ги исполнат желбите на своите матуранти...“ – објавува весникот.