Ветерот во Битола освен прашина носи и кривични пријави

Депонијата со пепел од РЕК

Кривичната пријава се однесува на тоа што не биле преземени соодветни мерки да се спречи ширењето на прашината од депонијата со пепел во РЕК во услови на ветер.

Членовите на здружението „За нас се работи“ од Битола, очекуваат Основното јавно обвинителство да отвори истражна постапка по кривичната пријава што ја поднесоа деновиве, против дел од менаџерскиот тим во ЕЛЕМ и РЕК за загадување на животната средина. Ова е прва пријава доставена од страна на здружение од Битола против одговорни лица во Рударско-енергетскиот комбинат за еколошки проблеми.

„Се надеваме дека кон оваа кривична пријава ОЈО ќе заземе позитивен став и истото, веднаш во најкраток можен рок, ќе отвори истражна постапка, преку која ќе се утврди вина за неодговорноста и нестандардизираниот процес на производство на електрична енергија. Сакаме да апелираме дека кривичната пријава е само почеток на судски процес кој доколку е потребно ќе стигне и до меѓународни судови“, рече Илија Балтовски, член на „За нас се работи“.

Кривичната пријава се однесува на тоа што не биле преземени соодветни мерки да се спречи ширењето на прашината од депонијата со пепел во РЕК во услови на ветер.

„При одложувањето на пепелта и згурата кои се сметаат за штетни и радиоактивни, несовесно и со непреземање на мерки за заштита на животната средина, повеќе пати при појава на ветер не го спречи проширувањето на ваквиот вид опасен и радиоактивен отпад надвор од одложеното место и со распространување низ Пелагониската котлина и блиските села го загадија воздухот, почвата и водата со што предизвикаа опасност за животот и здравјето на луѓето, растителниот и животинскиот свет“, вели Иван Чулаковски од „За нас се работи“.

Неодамна раководството на РЕК појасни дека пепелта која се јавува како нус производ од согорувањето на јагленот, кога се одлага на депонија се покрива со земја. Но, во моментот доколку дува ветер се крева и шири прашина.

„Како што се одлага пепелта, така доаѓа и прекривањето со земја. Во некој момент може да се случи при самото одлагање на пепелта ако дува ветер, посебно ако е контра јужен ветер да се појавува прашина од пепел. Тоа значи дека што и да правиме во таков момент кога имаме ветер се јавува прашина“, вели Тони Паспаловски, директор за развој и инвестиции во РЕК.

Комбинатот има нов проект за одлагањето на пепелта во депонијата до 2025 година, но по стариот принцип на работа.

„Повторно подготвуваме касети каде ќе се врши одлагањето на пепел. На истиот начин ќе биде одлагањето како и до сега. Се одлага пепелта и се покрива со земја“, рече Паспаловски.

Годишно во комбинатот се произведуваат 1,5 милиони тони пепел. Токму депонијата каде што таа пепел се одлага и прашината што од неа се шири, се посочуваат како опасен загадувач на животната средина во поширокиот битолски регион според истражувањето „ТЕРА МЕД“, во кое беа вклучени Универзитетот во Битола и Солун.