Достапни линкови

Политичката криза го кочи и прочистувањето на воздухот


Со реконструкција на филтрите на РЕК Битола, ќе може да се намали емисијата на ПМ 10 честичките. Од РЕК велат дека имаат готови проекти, донесени се одлуки за инвестирање, но моменталната политичка ситуација ја кочи реализацијата.

За РЕК да го намали загадувањето во воздухот планира да изврши реконструкција на постоечките филтри и да изгради постројка за десулфуризација.

Словенечката компанија „Рудис“ од Трбовље, веќе изработила физибилити студија во која на Комбинатот, како најисплатлива варијанта му предлага да спроведе влажна постапка за десулфуризација, за да ја намали емисијата на сулфурни оксиди, а за помалку прашина да ги реконструира постојните електростатски филтри.

Од РЕК велат дека имаат готови проекти, донесени се одлуки за инвестирање, но моменталната политичка ситуација ја кочи реализацијата.

„Намалувањето на прашината ќе го реализираме како прва фаза, инвестиција околу 20 милиони евра. Со таа инвестиција ќе ја намалиме прашината на помалку од 20 милиграми на метар кубен во издувните гасови, зборувам за ПМ 10 честичките“, вели Тони Паспаловски, директор за развој на инвестиции во РЕК Битола.

Битола години наназад од индустријата, загревањето на домаќинствата и сообраќајот мака мачи со зголемени концентрации на ПМ 10 честички во воздухот. На годишно ниво дозволено е 35 дена ситната прашина да биде над дозволеното. Не сме ни на половина од годината, а според официјални податоци пречекорени се 75 дена.

Од РЕК велат дека филтрите биле проектирани да ги задржуваат ПМ 10 честичките, но низ годините се намалила дозволената граница.

„Електростатскиот филтер кој сега работи на трите термоелектрани е доста ефикасен. При самата градба на електраната ЕЛЕМ употреби современ филтер. Во тоа време нормата беше 400 милиграми на нормален метар кубен, а ние изградивме за сто. Но, со текот на времето нормата падна на 50, а нашиот е на сто“, вели Паспаловски.

Проектот за десулфуризација ќе чини 120 милиони евра.

„Нашите електрани користат јаглен со многу мало присуство на сулфур и тоа 0,45. Тоа значи дека и со сегашните сулфирни гасовно, ние многу малку сме над дозволената норма. Дозволената норма на сулфурен диоксид е 400 милиграми на нормален метар кубен, а ние сме меѓу 900 и 1.200“, додава Паспаловски.

Според извештаите објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина, годинава нема пречекорување во емисиите на сулфурните оксиди над дозволеното. Публикацијата „Колку чини животот“ на Еко-свест од пред две години пак, покажува дека емисиите на сулфурниот диоксид од термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ се неколкупати над ЕУ стандардите. За битолската термоелектрана пишува дека на годишно ниво е извор на 73 000 тони сулфурен диоксид, а прашината седум до осум пати над дозволената граница.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG