Парализирани општини - Нема училиште, бракови, дозволи за градба

Архивска фотографија - Луѓе гласаат на локалните избори во Битола, 2013.

Потребна е итна собраниска седница на која ќе се донесат измени во Законот за локалнa самоуправа и изборниот законик, за да не се случи целосно парализирање на локалната самоуправа, предупредувааат експертите во оваа област.

Доколку итно не биде свикана собраниска седница на која ќе се донесат измени во Законот за локалнa самоуправа и изборниот законик, ќе се случи целосно парализирање на општините, предупредуваат упатените. Според нив, правниот вакум ќе мора да се надмине, прво преку дијалог на политичките актери, а потоа и преку правната процедура која треба да се случи во Парламентот.

Mинистерот за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) до претседателот на Собранието, Талaт Џафери, доставија барања со кои се бара Собранието да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори укажувајќи на проблемите кои ќе настанат во оваа ситуација. Од Кабинетот на Џафери велат дека барањата се доставени до пратениците, бидејќи ова прашање исклучиво е во надлежност на Собранието, кое бара итно усогласување на сите политички партии во однос на потребните измени во Изборниот законик.

Поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, објаснува какви се последици можат да настанат после 15 мај, кога и официјално им престанува мандатот на градоначалниците.

„Многу финансиски работи ќе бидат доведени во прашање, не само во општините, туку и во сите институции, кои со децентрализацијата беа пренесени од централно на локално ниво. Тука влегуваат основните, средните училишта, детските градинки, библиотеките, музеите, противпожарните институции...Понатаму не ќе можат да се склучуваат формално бракови, градоначалникот и советниците нема да имаат мандат, па нема да можат да бидат сведоци при склучувањето на брак...Нема кој да потпишува одобренија за градба, налози за плаќање на фирмите кои извршувале некакви активности, ќе се проблематизираат сите видови финансиски плаќања на општината итн.“, вели Коцевски.

Експертите ја поздравуваат одлуката на Уставниот суд, кој се прогласи за ненадлежен за продолжување на мандатот на градоначалниците, истакнувајќи дека единствен надлежен кој тоа може да го стори е Собранието.

„Единствено исправно решение е итно да се свика седница на Собранието и тоа да се направи до 14-ти, бидејќи 15-ти е веќе доцна. На седницата би требало да се донесат измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа и на изборниот законик, со кој ќе се уреди материјата, во која би требало да гласи дека постоечките избрани градоначалници и општински совети ќе продолжат да ја извршуваат својата функција до изборот на нови градоначалници и нови совети на општините и на градот Скопје“, истакнува Коцевски.

За да се дојде до тоа претходно неопходен е разговор и политички договор помеѓу главните политички играчи и коалиционите партнери за да се најде политичко решение, а пратениците потоа формално да ги изгласаат измените и дополнувањата, сметаат експертите.

„Тоа е еден од најважните елементи коишто треба да се направат во наши услови. Прво, да се има политичка волја кај политичките актерите. Тоа би требало да биде еден процес кој ќе заврши на демократски начин, а приоритет на парламентот треба да му биде продолжувањето на мандатот на градоначалниците, бидејќи тоа е и негова уставна обврска“, вели професорката Беса Кадриу од Универзитетот на Југоисточна Европа.

На вчерашната седница судијата Елена Гошева предложи да не се поведува постапка, бидејќи, како што рече, Уставниот суд не може да креира нова правна состојба кога тоа не го направил законодавецот. Претходно, ЗЕЛС упати апел за обезбедување услови за побрзо распишување на локалните избори, во спротивно, училиштата, јавните претпријатија, културните установи и противпожарни единици не ќе можат да ги извршуваат своите дејности, а вработените ќе останат без плати.