Во очекување на официјалното објавување на одлуката за избор на новиот собраниски спикер во Службен весник, останува дилемата дали шефот на државата Ѓорге Иванов ќе го додели мандатот за составување влада на парламентарното мнозинство.
Од претседателскиот Кабинет нема одговор на прашањето дали Иванов ќе го чека законски утврдениот рок од 10 дена, по што ќе одлучи дали ќе го додели мандатот или не.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев неодамна истакна дека откако ќе почне процедурата од 10 дена за формирање на влада е подготвен да има средба со Иванов и заедно со коалициските партнери уште еднаш да ја гарантираат унитарноста на Македонија и се останато што предизвикува загриженост кај шефот на државата.
Иако се уште не се знае дали до таква средба би дошло, од СДСМ велат дека сега сè е во рацете на претседателот Иванов. Оттаму очекуваат дека во текот на законски предвидениот рок, Иванов ќе го додели мандатот за состав на нова влада. Апелираат на мирен и сигурен трансфер на власта.
Од Демократската Унија за интеграција истакнуваат дека претседателот Иванов има последна шанса да се однесува во согласност со Уставот и да го додели мандатот. На прашањето дали ДУИ ќе присуствува на средба кај Иванов за да ја гарантира унитарноста на државата, од партијата велат:
„Ахмети и ДУИ го имаат искажано својот став по однос на државното уредување на државата пред граѓаните и нашите меѓународни пријатели и не чувствуваат, ниту морална, ниту уставна обврска тоа да го прави пред Иванов“, ни одговори Бујар Османи од ДУИ.
Од Алијансата за Албанците се убедени дека Иванов нема да го додели мандатот на новото парламентарно мнозинство и, како што соопштуваат, најверојатно Парламентот ќе треба да си ја заврши работата.
„После настаните од 27- ми април, ние не планираме да комуницираме со овој „претседател“, бидејќи сметаме дека тој е еден од луѓето кој ја скенира и нарача оваа состојба“, вели Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.
Од БЕСА велат дека засега нема иницијатива за присуство на една ваква средба, но доколку се случи тоа не откриваат како ќе постапат.
„Во суштина ја поддржуваме секоја иницијатива за решавање на кризата и за добивање мандат. Сепак, не гледам зошто би требало сите ние да одиме и да го молиме Иванов за една уставна должност што тој ја има“, вели Зекирија Ибраими од БЕСА.
Минатата недела новиот претседател на Собранието, Талат Џафери го информираше Иванов дека има легитимно мнозинство. Откако одлуката за избор на претседател на Собранието ќе биде официјално објавена во Службен весник, почнува да тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандат за состав на влада.