Натпревар во патриотизам и начитаност во битолскиот совет

Седница на Совет на Општина Битола.

На дневен ред беше работата на јавните претпријатија во Битола, но советниците си префрлуваа за тоа кој е поголем патриот и кој e поначитан. Ова се случуваше на неодамнешната седница на битолскиот Совет, иако на дневен ред беа над 70 точки.

Дискусијата замина во друг колосек откако во политичките препукувања, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, битолчаните кои протестираат секој ден ги нарекоа патриоти. На ова испоскокаа дел од опозиционерите кои на говорница излегоа со воени книшки од 2001 година, како доказ дека ја бранеле државата и дека тие се патриотите.

„Тој народ што е надвор ја брани својата татковина од штетните последици на реализација на Тиранската платформа потпишана од Заев, сè додека таа платформа вашата партија и коалиција не ја отфрли“, рече Игор Хаџиевски , советник од ВМРО- ДПМНЕ.

На говорница со воената книшка излезе Александар Касапов од ЛДП.

„Сите ние ја браниме Македонија. Каде бевте вие во 2001 година? Ете ја мојата воена книшка, бев на првата борбена линија да ја бранам Македонија. И што сте поголеми патриоти вие што излегувате во 18 часот, од мене?“, рече Касапов.

Ако се залагате за македонштината, осудете ја лустрацијата на Славко Јаневски, рече тој.

„И да ве прашам дали ја осудувате лустрацијата на Славко Јанески, кој го напиша првиот весник на македонски јазик „Пионер“’? Ако сте за македонскиот јазик, ќе ја осудите таа лустрација и говорите за џуџето од Небрегово, за џуџето од Велес, бидејќи нели се залагате за заштита на македонскиот јазик. Луѓето кои ја создадоа граматиката, кои оставија трага во македонскиот јазик, вие ги омаловажувате“, рече Касапов.

Хаџиевски не одговори ништо за истакнатиот македонски романансиер Јаневски, туку се осврна на животната судбина на ресенчаенец кого УДБА на времето го ставила затвор.

„Во ресенско имаше човек кој беше осуден на осум години затвор од УДБА во времето на комунизмот, зашто комуницирал со шестата американска флота која со подморница доаѓала во Преспанското Езеро. Видете ја неговата животна судбина и на неговото семејство“, рече Хаџиевски.

Потоа политичките партии си препорачуваа меѓу себе што книги треба да читаат.

„Не знам кој ја прочитал, а кој не, книгата од Џорџ Орвел „1984“. Јас топло ви ја препорачувам на сите од ВМРО-ДПМНЕ, за дејствија кои се одвиваа во 1946 година за да се препознаат, се надевам дека дел од вас ќе се срамат“, рече советникот Томе Наумов од СДСМ.

Ова е книга која го опишува светското уредување на иднината, а дејството се одвива во Англија за време на диктатурата на партијата и Големиот брат.

На ова Златко Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ на советничката опозиција им порача да читаат дело од српскиот сатиричар Радиовое Домановиќ. Историјата го памети како писател кој бил во постојан конфликт со режимот, отпуштан од работа, а на крај починал напуштен и очаен.

„Јас ќе им кажам да си ја прочитаат книгата „Водачот“ од Радое Домановиќ , можеби ќе се пронајдат во неа“, рече Милошевски.