По паузата за празникот денеска продолжува конститутивната седница на Собранието, како и протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а во Скопје е и копретседавачот на институтот Европски совет за надворешни работи Карл Билт, кој се сретна со претставници на политичките партии во врска со политичката криза во Македонија. Од Кабинетот на претседателот информираа дека било побарано Карл Билт да се сретне и со Ѓорге Иванов, но оти денешната негова агенда била поинаква. Не е прв пат Иванов да не може да се сретне со претставници на меѓународната заедница. Претходно тој немаше време и за еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека одбивањето на средби е практика која претседателот ќе ја применува и во иднина, бидејќи политиката која ја спроведува е иста со онаа на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер најави преиспитување на односите со меѓународната заедница. Според него, сите чекори кои Иванов ги презема се координирани со ВМРО ДПМНЕ, бидејќи тој не е човек кој самостојно ги носи одлуките.
„Тоа се добро осмислени чекори затоа што тие немаат што да слушнат. Многу се свесни и многу им е јасно дека целата меѓународна заедница поттикнува во Република Македонија да се испочитува новото парламентарно мнозинство. Тоа не им оди во прилог ниту на претседателот, ниту на ВМРО-ДПМНЕ и тие ќе направат се ваквите средби да ги релативизираат. Претседателот ќе одбива прием, а на средбите кај претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе добиваат едни исти изговори дека тиранската платформа ќе ја уништи Македонија“, смета Дујовски.
Во меѓувреме се заострува пропагандата на медиумите кои се про - ВМРО-ДПМНЕ, па така се пласираат во јавноста разни сценарија кои ги подготвувало СДСМ со цел нарушување на безбедноста на Македонија. Но, сето ова што се случува во земјата, истакнува Дујовски, му оди во прилог на ВМРО-ДПМНЕ со цел одолговлекување на процесите.
„Нивната политика е во таков погрешен правец насочена при што тие немаат колосек по кој ќе се вратат назад. Тие со ваквото однесување ќе одат до крај. Префрлањето на проблемите кај другиот, односно во дворот на СДСМ или сите други партии кои го сочинуваат новото парламентарно мнозинство е резултат на поделеното македонско општество и тоа што оваа власт го направи во изминатите 10 години и затоа ни се случува во разни медиуми да добиваме различна слика за еден настан“, додава тој.
ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса потврдија дека нивни претставници денеска се среќаваат со Билт.