Достапни линкови

Странските инвестиции жртва на политичката криза


Архивска фотографија - Македонска делегација на бизнис форум во Сеул, за привлекување странски инвестиции.
Архивска фотографија - Македонска делегација на бизнис форум во Сеул, за привлекување странски инвестиции.

Најновите податоци покажуваат дека Македонија се соочува со пад на станските инвестиции, што според експертите, е резултат на кризата во земјата, но и лошата политика на властите.

Политичката криза го зема својот данок во однос на привлекувањето странски инвестиции, но и врз целата економија во земјата, коментираат упатените. Според податоците на Народна Банка, минатата година во Македонија влегле 358 милиони евра странски инвестиции, а најголем дел биле од Германија, речиси 40 милиони евра. По неа следат Холандија и Турција. Во јануари годинава, пак, е забележан пад на странските инвестиции за 33 ипол милиони евра во споредба со истиот период лани. Токму германските инвеститори кои вложиле најмногу средства во земјата оценија дека деловната клима во Македонија е неповолна, според анкетата на германско-македонската стопанска комора.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Фатмир Битиќи вели дека веќе е извесно оти продолжената политичка криза ги дава првите негативни ефекти и знаци на сериозни проблеми во сите индустрии, како и во странските инвестиции.

„По прв пат во Македонија во изминатите 10 години можеме да забележиме дека во јануари имаме негативен тренд, а тоа е дека имаме помал влез на директни странски инвестиции од одлив на средства од Македонија. Речиси таа разлика е двојна. Што секако е загрижувачки податок“, смета Битиќи.

Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, секако дека кризата има свој удел, но падот на странските инвестиции не е резултат само на тоа, туку и на погрешната политика.

„Ние слободно можеме да кажеме дека од денешен аспект политиката за привлекување странски инвестиции, не беше политика на привлекување на странски инвестиции, туку купување би рекол на странските инвеститори ако се земе во предвид износот кој Република Македонија го издвојува директно или индиректно преку одредени попусти или преку давање на парични средства“, посочува Најдовски.

Тоа, истакнува Најдовски, не создало континуиран процес на привлекување на странски инвеститори. Битиќи додава дека извозните гранки бележат пад, како и малопродажбата, а компаниите не исплаќаат плати или доцнат.

„Сето ова укажува дека политичката криза го зема својот данок и можното одолговлекување само ќе придонесе за уште понегативни последици врз економијата“, вели Битиќи.

Светската банка пред одредено време најави економски раст под 2,8 отсто. Но, како што наведува Битиќи доколку кризата потрае ќе се забележи рекордно ниско ниво на раст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG