Достапни линкови

Повеќе зијан отколку ќар од странските инвестиции


Архивска фотографија - владина делегација во посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.
Архивска фотографија - владина делегација во посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.

Штета од околу 33 милиони евра претрпел буџетот на Македонија со давањето даночни олеснувања на странските инвеститори, покажува истражувањето на економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ. Владата ги крие договорите потпишани со инвеститорите. ЕУ, пак, воведува нови правила против избегнувањето данок.

Даночните олеснувања што им се овозможуваат на странските инвеститори во Македонија влијаат негативно врз буџетот на државата, но не постојат точни податоци колкава штета трпи државната каса од тоа што странските компании се ослободени од плаќање даноци.

Државата ги крие договорите со странските инвеститори

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека кај нас, тоа е голема тајна, зашто надлежните институции ги кријат договорите кои се потпишани со инвеститорите. Како што укажува Најдовски, владата досега во ниту еден случај ги нема покажано договорите врз oснова на кои може да се види кои се тие даночни олеснувања кои им се даваат на инвеститорите, покрај законските олеснувања кои се објавени во Законот за инвестирање во индустриско-технолошко развојните зони. Тој бара надлежните да ги објават договорите кои се потпишани поединечно со секој инвеститор во Македонија и со тоа да се види точно колкави се ослободувањата од даноци и слични работи што ги добиваат странските компании во Македонија. Но, не значи дека секое даночно ослободување е на штета на буџетот, вели Најдовски.

„За да видиме точно колку се олеснувањата треба да ги видиме договорите кои се потпишани поединечно со секој инвеститор во Македонија. Врз основа на тоа ќе може да се заклучи која е точно сумата која во даден момент како пари не влегува во буџетот“, вели Најдовски.

Во секој случај голем недостаток на средства во однос на даночни ослободувања имаме по однос на ослободување од придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, така што во двата фонда врз основa на тие олеснувања има голем недостаток на средства, вели Најдовски.

Поранешниот пратеник на СДСМ, Марјанчо Николов, вели дека прва работа што треба да ја направи идната влада е да објави колкава е висината на даночните олеснувања и сите други поволности кои им се даваат на странските инвеститори со цел јавноста да има точна претстава колкави се придобивките од привлекувањето на странски инвеститори. Николов е убеден дека финансиско-приходната страна на буџетот значително би се подобрила доколку странските инвеститори плаќаат данок на државата и оти парите би можело да се искористат за подобрување на јавните сервиси на државата како што се образованието, здравството и социјалната заштита.

„Има и друга работа, бидејќи не само што им се даваат даночни олеснувања, туку и се земаат средства од буџетот за да им се овозможат услови на странските инвеститори да работат во Македонија, преку изградба на инфраструктура и субвенции за изградба на објекти. А тие пари во буџетот ги полнат и домашните компании. Наместо тие пари да им се вратат на домашните компании како подршка, тие одат за странските инвеститори кои не придонесуваат за полнење на буџетот преку даноци“, вели Николов.

За колку е оштетен буџетот?

Иако во изминатите години откако се даваат даночни олеснувања на странските инвеститори во Македонија се уште нема точен податок колкава е висината на некои олеснувања и сите други поволности кои им се даваат на странските инвеститори, сепак може да се направат некои пресметки, а тие зборуваат дека буџетот претрпел сериозни штети. На оваа тема разговараме со Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки.

Како даночните олеснувања што им се овозможуваат на странските инвеститори влијаат врз буџетот на државата?

Во истражувањето, што јас го правев, за странските инвестиции се покажа дека 25-те странски инвестиции, кои на некој начин биле поддржани од државата исплатиле вкупно 92 милиони евра плати во периодот 2007-2015 и оствариле 235 милиони евра профит. Ако тие две се соберат и ако се претпостави дека тие фирми биле целосно ослободени од плаќање данок на доход и од плаќање данок на добивка, тогаш може да се каже дека буџетот претрпел штета од околу 33 милиони евра, што е сериозен износ на пари. Тоа е отприлика онолку колку што е потребно да се изгради современ нов клинички центар, како оној што почна да се гради во Штип.

Колку од кај нас профитот се носи во егзотични дестинации т.н „даночни раеви“?

Овие нелегални текови во најголем дел завршуваат во т.н даночни раеви. Може да се каже дека тоа е така врз основа на тоа што голем дел од странските инвестиции во Македонија потекнуваат од вакви дестинации. Исто така познат е примерот со неколку фирми кои се регистрирани во овие даночни дестинации кои што се познати во Македонија како Ексиско. Така што со сигурност може да се каже дека е присутна ваквата пракса и во Македонија.

Затворање на патиштата до даночните раеви
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:28 0:00

Даночното затајување - голем проблем

Деновиве е најавен проект за борба против економскиот криминал и перење пари со подршка на средства од ЕУ, што само по себе зборува дека даночното затајување постои како проблем и оти тоа ги намалува потенцијалните приходи во Македонија. Истражувачите укажуваат дека постојат неколку начини преку кои најчесто се затајува данок во Македонија, а Најдовски вели дека треба да се прави разлика помеѓу оние кои сакаат да најдат дупки во законот со цел да избегнат плаќање данок, но тој потенцира дека проблем е кога свесно се кршат законите. Тој вели дека исто така треба да се прави разлика помеѓу работење на црно или т.н сива економија кога се избегнува плаќање данок и оние кои се регистрирани субјекти и не плаќаат данок. Според него, најчесто е затајувањето данок кај акцизните стоки.

Нелегални текови на парите

Говорејќи за формите на затајување данок, Николов вели дека тие придонесуваат сивата економија да има значителни финансиски средства, за кои, како што вели, ако се поведе вистинска акција и институциите си ја вршат својата работа може значително да придонесат да се намали и да се уништи таа нелојална конкуренција и да се зголемат приходите во буџетот.

Истражувачите дошле до сознание дека сепак најчест начин на неплаќање данок е преку трансферни цени. Според нив тоа се прави така што некои транс- национални корпорации ја префрлаат добивката во земји во кои даноците се пониски и тоа го прават преку т.н трансферни цени, т.е книжење на услуги. На пример ако Македонија увезе услуга од Унгарија и цената на таа услуга е пет илјади евра, се фактурира дека цената е 100 илјади евра и на тој начин се изнесуваат 95 илјади евра во земјата каде даноците се пониски. Според нашите соговорници другиот начин е преку погрешно фактурирање на извозот и увозот. На пример се книжи дека се увезува стока од 100 милиони евра, а всушност се увезува стока од 1 милион евра и од земјата на тој начин излегуваат 99 милиони евра.

Овие нелегални текови на пари најчесто завршуваат во егзотични земји кои се познати како т.н даночни раеви. Економистите посочуваат дека поголем дел од странските инвестиции во Македонија потекнуваат од вакви дестинации

Според економистите еден од главните фактори кои овозможуваат присуство на праксата на неплаќање даноци е тоа што нема санкции.

Нови правила на ЕУ против избегнувањето данок

Затајувањето е глобален проблем. На Светскиот економски форум беше истакната дека нееднаквоста на приходите или разликите во приходите меѓу богатите и сиромашните е еден од најголемите светски проблеми, а како една од главните причини учесниците го истакнуваат токму неплаќањето даноци што се прави преку т.н даночни раеви.

Гоце Атанасов

Министрите за финансии на Европската унија деновиве се согласија да ги затворат дупките кои мултинационалните корпорации ги користат за да ги избегнат даноците за дивиденти. Ова е дел од напорите за нивно запирање да го оставаат профитот каде што се плаќа помал данок.

Новите правила би требало да и помогнат на Европската унија да ги компензира давачките од компаниите кои ги кратат нивните даночни сметки со декларирање на профитите во земји во кои даноците се ниски или воопшто ги немаат. Ваквите даночни шеми кои ги користат Епл, Амазон, Гугл, Старбакс и други компании, според сегашните закони, се легални. Но, тие предизвикаа притисок од јавноста врз Брисел да ги прошири правилата и да ги затвори ваквите дупки.

Едвард Сциклуна министер за финансии на Малта, земја која претседава со Унијата, оцени дека предлогот е голем чекор во спречувањето на даночното избегнување.

„Се согласивме со предлогот кој има за цел да ги затвори хибридните неусогласености со даночните системи на трети земји. Ова директива е последна од бројните мерки дизајнирани да се спречи избегнувањето на данокот од големите компании и користењето на разликите меѓу две или повеќе даночни јурисдикции за да намали нивната целосна одговорност“.

Евроминистрите изнајдоа компромис и околу критериумите за тоа што може да се дефинира како даночен рај. Обидите да се има заедничка листа на Унијата на таканаречени „некооперативни јурисдикции“ досега пропаѓаа, бидејќи неколку земји членки одбиваа да доставуваат нивен список на такви фирми. Но, идејата повторно доби на значење откако беа откриени неколку случаи на масовни даночни избегнувања во земји како Панама и Бахамите. На ваквите земји Брисел би можело да им воведе санкции, изјави потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис.

„Конечни допири беа покренати со цел скрининг процесот да продолжи и што е многу важно сега, таа работа треба да добие важност за да може финалниот список да биде објавен до крајот на оваа година за да се одржи притисокот врз овие земји кои не играат според правилата“.

Министрите се согласија дека земјите кои немаат даноци да бидат субјект на проверки за да се види дали тие соработуваат со Европската унија околу даночните прашања или за постоење на оф шор структури кај нив. Досега писма со барање за спроведување контрола се испратени во над 90 земји, вклучувајќи ги и Соединетите Држави.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG