Политичката криза ќе се решава на лидерска средба?

Архивска фотографија - Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Собранието и натаму е блокирано со бескрајните реплики. На политичката криза не ѝ се гледа крајот, а како едно од решенијата се предлага и лидерска средба, која, според експертите, е прифатлива опција за одблокирање на процесот. СДСМ, пак, е против идејата.

На политичката криза не ѝ се гледа крајот откако конститутивната седница во Собранието заглави на точката за избор на членови на Комисијата за избори и именувања. Дел пратеници на СДСМ вчера ја напуштија собраниската седница со што дополнително се блокираше процесот. Лидерите на СДМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети по вчерашната средба соопштија дека деблокадата на Собранието мора да биде во рамки на институциите. Но, во последно време како решение сè почесто се спомнува и свикувањето на лидерска средба, особено откако и Ахмети на маса ја стави таа опција.

Марко Трошановски од Институтот за демократија, вели дека процесот на разрешница на политичката криза по институционален пат очигледно е блокиран и нема ни изгледи дека набрзо би се случила некаква разврска.

„Оттука мора да бараме други решенија. Нови избори не се тоа. Но, се разбира дека нова лидерска средба во којашто, според мене, би произлегла некоја заедничка декларација или обврска на сите политички партии околу унитарниот карактер на Република Македонија и оградување од процесите на федерализација, кантонизација и сл. Мислам дека во најмала рака би ги намалила грижите кај дел од граѓаните дека новата влада има такви намери. Тоа би бил некој позитивен исчекор, барем, кон намалување на тензиите“, смета Трошановски.

Од СДСМ, пак, велат дека имаат стратегија и конкретен план за деблокада на Собранието. Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски без да открие за каков план или стратегија станува збор рече само дека тие ќе бидат реализирани во даден момент и преку нив ќе биде избран нов претседател на Собранието и избор на новата влада и притоа ќе ги користат сите механизми кои ги имаат на располагање. Тој го отфрли барањето за лидерска средба.

„Со криминалци, луѓе кои ја доведоа Македонија во оваа криза, не планираме ниту да преговараме, ниту да се договараме. Граѓаните на оваа држава нам ни го дале легимитетот, нам ни го пренеле суверенитетот како демократско мнозинство во Парламентот и токму овие 67 пратеници, ќе ја реализираат таа стратегија за избор на претседател на Собранието и новата рефермска влада“, порача тој.

Но најверојатно СДСМ ќе бидат принудени на такво решение, бидејќи според Трошановски, сите други опции немаат голема поддршка во јавноста. Доколку има обид за вонинституционално решавање на кризата, постои закана таа дополнително да се продлабочи.