На протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои влегоа во шеста недела постојано може да се забележи како на учесниците им се делат реквизити. Од марами, вувузели до знамиња и маички. Организацијата од секој протест е се подобра, а тоа го потврдуваат и организаторите кои велат дека се финансираат од донации од поединци и фирми. На прашањето колку досега донации примиле и кој се издвоил финансии за нивата цел, Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“ вели дека не знае колку пари се потрошени. Според него, тие не добиваат конкретни суми на пари, туку секоја донација е во форма на подарок.
„Мене ми носат маици на пример. Јас им кажувам дизајните ви се на интернет. Тие прават 500 до 1000 маици и ми ги носат. Не знам која е вредноста на тоа, како би знаел“.
РСЕ: Сакате да ми кажете дека се она што се донира, практично не ви се даваат финансии на вас, туку им кажувате што ви треба?
„Да, така не прашуваат луѓе што ни треба. Да точно“, посочува Илиевски.
Сите досегашни реквизити кои ги имале на протестите, додава дека се добиени по тој принцип.
„Ако тие не се регистрирале како друштво како некој правен субјект тешко дека може да се најде кои се финансиери. Мислам тие може да се здружат во иницијатива ама таквите трошоци да ги покриваат самите. Може да функционираат така, ама како субјекти да ги финансираат не може ако не се регистрирани“, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.
РСЕ: Значи ако некој сака да ги финансира тоа треба да го стори од сопствен џеб?
„Да така му доаѓа. Значи од сопствен џеб како физички лица, а не како правни субјекти“, додава Муса.
Според него, тие треба барем привремено да се регистрираат со цел оние кои донираат да добијат даночни олеснувања и сето тоа да оди по законски пат.
Од УЈП на прашањето дали поединци и фирми може да донираат иако иницијативата не е правен субjeкт не информираат дека давањето и примањето на донации или спонзорства, со кои давателот и примателот можат да бараат даночни поттикнувања се уредени со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.
„Доколку постапката за давање и примање на донација или спонзорство не е спроведена согласно Законот, во тој случај давањето, помошта, исплатата...не подлежат на даночни поттикнувања. Донацијата или спонзорството се даваат за цели од јавен интерес или за поддршка на активностите на примателот“, посочуваат од УЈП.
Според УЈП, што е од јавен интерес одлучува Министерството за правда. Oд УЈП не може да се добијат информации кои фирми донирале пари за таква цел, бидејќи податоците на секој даночен обврзник се тајни. Само доколку фирмата или граѓанинот сака, тоа може да го сподели со јавноста.