Глобус - Тотален колапс на патриотските вредности
„Тотален колапс на патриотските вредности“ е насловена една колумна во он-лајн магазинот Глобус во која авторката прави осврт на „патриотизмот“ на протестите „За заедничка Македонија“ упатен главно кон Албанците во земјава за сметка на штитењето на оние кои го пљачкаат народот и неговите пари ги користат за лично богатење, покрај другото, и преку неплаќање даноци. Така, кога се спомнува службен албански јазик – вели - „иако тоа е реалност која постои веќе долги години, се собираат луѓе и излегуваат на улица и почнуваат да викаат дека јазикот не го давале, а таблите на институциите пред кои тие протестираат одамна се двојазични како што е двојазично и нивното работење, како што се двојазични автобусите со кои тие бесплатно се возат за да одат на тие протести“. Па продолжува: „Не го давале јазикот, ама нивните пари кои со мака ги делат за да платат данок (да не бидат како ’клетите шиптари‘ де, кои не плаќаат данок), ги даваат без да помислат што се случува со нив, без да помислат дека тие кои се плаќаат со нивните пари, својот данок си го затајуваат за да добијат уште повеќе пари и уште подолго да ги трујат со невистини околу нивните сограѓани и големата ’опасност‘ која доаѓа од нив. Е браво за таквиот ’патриотизам‘!“ – извикува авторката на колумната во Глобус.
Република - Заев, не паламуди за македонштина, повлечи се од Платформата
Еден малку непримерен наслов носи колумната во најновата Република: „Заев, не паламуди за македонштина, повлечи се од Платформата“ во која авторот ги повторува познатите тези дека само откажување од, како што ја нарекуваат „тиранската платформа“, и повторни избори можат да ја извадат Македонија од сегашнава политичка криза. Авторот потоа наведува дека за да го намалел притисокот врз себе и врз партијата, „Заев и Соросовата армија платеници вршат невидена атака врз сите што застануваат во одбрана на Македонија погрдно нарекувајќи ги фашисти, националисти и албанофоби“ и потоа ги повторува веќе познатите закани кои ги искажуваат и Груевски и новите пратеници од партијата дека, цитирам, „Секое друго сценарио кое предвидува формирање влада без мандат од претседателот и насилно спроведување на тиранската платформа без одобрение на мнозинството Македонци, остава можност народот да биде принуден да ја преземе контролата врз институциите во свои раце сè додека политичарите не научат да ја почитуваат неговата волја“ – пишува неделникот.
Фокус - Зар поради еден Грујо и еден Заев ќе се замразиме?
„Зар поради еден Грујо и еден Заев ќе се замразиме?“ – прашува во насловот еден од колумнистите на Фокус во најновиот број. И вели дека секогаш го правело тажен кога ќе види искрени и добронамерни опозиционери како ги осудуваат сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ како луди, глупи, слепци, купени, заплашени, излажани, ретардирани, сељаци. „Исто колку што ме растажува идентичната ’ан блок‘ осуда на сите противници на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од страна на напалените вмровци со горе-долу истите епитети“ – продолжува со својата мисла колумнистот во Фокус, за да поентира: „Ако едната страна е во право, тогаш речиси половина од македонскиот народ е џган. Ако другата страна е во право, тогаш, пак, другата половина е џган. Ако и двете страни се во право, тогаш речиси целиот македонски народ е џган. Но, што ако и едните и другите грешат?“