Достапни линкови

Собрание - Виршли, возен парк и бон-тон


Пратеникот Павле Богоевски носи маица за поддршка на СЈО на конститутивната седница на парламентот
Пратеникот Павле Богоевски носи маица за поддршка на СЈО на конститутивната седница на парламентот

Нема најави дека собраниската седница на која треба да се избере комисијата за избори и именување и претседател на парламентот наскоро ќе заврши. Пратениците зборуваат за сè освен за темата на дневен ред.

Екстерно тестирање, здравство, субвенции, спорот за името, храната во студентските домови се само дел од темите на кои застранува маратонската собраниска дискусија на која треба да се изберат членови и претседател на Собраниската комисија за избори и именување. Според досегашната динамика, седницата може да трае со месеци.

Пратеникот Стефан Богоев од СДСМ зборуваше за условите во студентските домови.

„Студентите јадат бајат компир кој веројатно треба да личи на јуфки или макарони и евтина недоварена виршла, додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваат да се формира нова реформска влада во Република Македонија“, рече тој.

Неговиот колега Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ му реплицираше за возниот парк.

„Колeга Стефан, чесно и коректно е, со една од твоите пет коли денеска прошетај ги студентските домови во Скопје, во Штип, во Прилеп и провери“, рече тој.

Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, држеше час по бон-тон.

„Ако малку имате доблест и култура, нема да се уфрлате додека јас зборувам. Мислам дека основна култура, госпоѓо Шеќеринска, се учи додека сте мала и додека посетувате основно образование“, рече таа.

Пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дозволат формирање влада врз основа на „Тиранската платформа“, која, според нив, води кон разнебитување на земјата. Или откажете се од платформата или нови избори, велат тие.

„Платформа има, платформа има. Ви ја прочита господинот Ејуп, за што јас му благодарам“, рече пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот колега Томислав Тунтев од СДСМ, пак, од собраниската говорница ги презентираше неговите познавање на странски јазици.

„Нема никаква платформа, има само програма за работа на новата реформска влада или ако сакате еве денеска ќе одиме чекор понапред, уште ќе бидам појасен. Јоктур платформ, нунка пљатформ, њама платформа, охи платформа, нема никакве платформе, да не заборавив на некој јазик, нинчо платформ. Значи, ако сакате и на охридски ќе ви кажам, платформа немат“, рече Тунтев.

Не помага ни претставувањето на владината програма на лидерот на СДСМ Зоран Заев, ни изјавите од пратениците Албанци, дека од една страна и ВМРО-ДПМНЕ ги прифатиле нивните барања, а од друга страна дека се противат на федерализација на земјата.

„Проблемот беше продолжување на рокот на СЈО да покрене обвинителен акт“, рече пратеникот Џевад Адеми од ДУИ.

Неговиот колега Артан Груби, пак, вели дека се против федерализација.

„Да појаснам, ДУИ не се залага за кантонизација, ДУИ не се залага за федерализација, ДУИ не се залага за поделба на Македонија, туку за унитарна со почит на уставниот поредок на земјата“, рече тој.

Пратеничката Ивана Туфекџиќ рече дека не се работи за заштита на Македонија, туку за страв од правдата.

„Свесно го попречувате живеењето на сите граѓани во оваа земја сè со цел да не одите во Шутка. Че си лежите на крајот“, рече таа.

Денеска е петти ден од Собраниската седница, но нема најави дека работата на парламентот може да се забрза.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG