СЈО со нови истраги - оштетување на буџетот и даночни затајувања

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СЈО: УЈП затворала очи при оштетувањето на буџетот

Четири нови истраги и едно обвинение најави Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција. Таа посочи дека во текот на деновиве до судот ќе биде доставен обвинителниот акт за предметот Транспортер. Истрагите се однесуваат на финансиски криминал и даночни затајувања.

Четири нови истраги под името Табла, Триста, Тотал и Тифани кои се однесуваат на финансиски криминал отвори Специјалното јавно обвинителство. Истрагите беа најавени на денешната прес-конференција од обвинителката Катица Јанева. Таа посочи дека во текот на наредните денови до судот ќе биде доставен обвинителниот акт за предметот Транспортер во кој осомничен беше градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Според Јанева, имаат обезбедено вербални и материјални докази дека од 2009 до 2015 година УЈП и Министерството за финансии не само што не ги извршувале обврските, туку дозволиле поединци и други министерства да работат спротивно на законите со што овозможиле одредени фирми и лица да се стекнат со имотна корист на сметка на буџетот.

„Отварањето на денешните финансиски истраги заедно со предистражните постапки кои веќе се водат во ова обвинителство во иднина ќе утврдат на кој начин се перени пари во буџетот на Република Македонија и како тие пари завршувале во приватни џебови на одредени високи функционери на власта и правни лица зад кои исто така се кријат високи функционери на власта“, порача Јанева.

Во првата истрага Табла, како што појасни обвинителката Фатиме Фетаи, е осомничен директор на основното училиште „Реџо Рушиќ“ од Зајас, бидејќи без јавна набавка склучил договор за изградба на објект за 200 илјади евра.

Помошник министер во министерството за внатрешни работи е осомничен во истрагата насловена Триста, кој според Фетаи ја злоупотребил службената должност и со јавна набавка за купопродажба и сервисирање на 300 возила го оштетил државниот буџет за 453 илјади евра, бидејќи не ја одбрал економски најповолната понуда.

Третата истрага Тотал се однесува на даночно затајување, при што првоосомничениот и три правни лица лажеле за да избегнат даночни обврски од 121 илјади евра, а осомничениот не платил данок во вредност од 63 илјади евра.

два душека Меџик тач3080 евра
рачен часовник Breitling2341 евра
персиски теписи4635 евра
врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови3780 евра

„За да биде појасно, осомничениот како управител на наведените правни лица, преку овие правни лица вршел набавки за себе лично, а затоа ќе ви наведам неколку примери од асортиманот кој е купуван наводно за правните лица. Два душека Меџик тач во вредност од 3.080 евра. Рачен часовник Breitling од 2.341 евра. Персиски теписи за 4.635 евра. Врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови во вкупен износ од 3,780 евра“, рече Фетаи.

Во последната четврта истрага Тифани, која ја презентираше Фетаи, фирмите на осомничената одбегнале плаќање на данок од 37 илјади евра, а таа не платила данок од 16 илјади евра. Таа правните лица ги користела како параван за за набавка на стоки и услуги за себе.

долна облека500 евра
облека, здолништа, чевли, ташни, ремени33508 евра
очила, шминки, пудри1009 евра
врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови и декоративни предмети4672 евра
точаци521 евра
сигурносна врата1571 евра

„За да биде појасно осомничената, која е управител и овластен потписник на споменатите правни лица, преку овие правни лица вршела набавки за себе лично, а затоа ќе ви наведам во неколку примери од асортиманот кој е купуван, наводно за правните лица-долна облека за 500 евра, облека, здолништа, чевли, ташни, ремени во вредност од 33.508 евра, очила, шминки, пудри од 1.009, евра, врвно дизајнирани и високо квалитетни кујнски садови и декоративни предмети за 4,672 евра, точаци за 521 евра и сигурносна врата од 1,571 евра“, посочи Фетаи.

Обвинителката Ленче Ристоска информираше дека за осомничените не е побарана мерка притвор и дека истрагите се покренати во најголем дел од необјавени прислушувани разговори.

На почетокот, дел од медиумите ја бојкотираа прес-конференцијата на СЈО со образложение дека институцијата им вршела притисок. Ристоска посочи дека ниту еден медиум не е под истрага на СЈО за да се зборува дека тие со тоа вршат притисок врз нивната работа.