Достапни линкови

Борбата против криминалот може да ги обедини граѓаните


Архивска фотографија - антивладин протест во Скопје, 2016
Архивска фотографија - антивладин протест во Скопје, 2016

Граѓанското општество е парализирано од политичката криза, која придонесува за поголеми поделби, но желбата за подобро општество може да ги мотивира граѓаните да ги надминат разликите и заедно да протестираат.

Долгите преговори за состав на нова влада и политичките платформи со етнички предзнак дополнително ги поделија граѓаните. Ако за време на „Шарената револуција“ и претходно, за време на студентските протести и протестите против полициска бруталност бевме сведоци како една идеја сплоти различни луѓе и надмина многу бариери, сега повторно испливаа на површина поделбите.

Аналитичарите велат дека граѓаните попрво би се обединиле околу некоја идеолошка цел, отколку против практичен проблем, но дека желбата за подобро општество може да ги мотивира да ги надминат разликите и да излезат заедно на улица.

Институционалниот вакуум што се создаде по изборите може да се искористи за организирање протести, како од невладиниот сектор, така и од другите центри на моќ, но сето тоа ќе зависи од тоа кога и кој ќе ја состави владата, вели политичкиот аналитичар Џељал Назири. Доколку владата е составена од старите партнери, тогаш нема да се смени ништо во земјата, па сите оние кои во изминатиот период го кренаа гласот практично ќе добијат негативен одговор, вели Незири.

„Очекувам помасовни протести особено кога станува збор за процесуирање, истрага и судење на случаите кои ги покрена СЈО, а кои се поврзани со корупција и со организиран криминал“, вели тој.

Незири додава дека протести би имало и кога ВМРО-ДПМНЕ би отишла во опозиција, кои партијата директно или индиректно би ги организирала. Тој вели дека народот би се обединил и масовно би се кренал на протести кога е доведено во прашање како се трошат неговите пари.

„Во случајот на протестот против ЕВН или на други конкретни каузи, првпат се случува во Тетово да се протестира за еден таков практичен проблем, што е знак дека општеството се реформира и дека практичните проблеми стануваат сè поприоритетни за граѓаните во однос на тие идеолошки или колективни проблеми, така што оваа свест ќе продуцира и таков вид на протести кои можат да имаат ефект на снежна топка па со тек на времето да стануваат сè помасовни и да можат да предизвикаат поголеми потреси во земјата“, вели Незири.

Граѓанското општество, како и многуте други сфери, е парализирано од политичката криза, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование. Тој вели дека трендот по изборите ВМРО-ДПМНЕ да се пресметува со невладините кои не се согласуваат со нивните политики повторно го притиска на мобилизација граѓанското општество.

„Ќе останат граѓанските организации и оние кои сите овие години беа активни и будни и го артикулираат и незадоволството и граѓанскиот револт, секако дека ќе има простор за тоа повторно доколку има потреба, значи сето тоа зависи од околностите“, вели Маричиќ.

Тој вели дека со пролетта се будат и граѓаните.

„Силата на граѓанското општество доаѓа од волјата на граѓаните, од оние кои сакаат да бидат ангажирани, а не од кој било центар на моќ, и тоа е нешто што власта не можеше да го сфати, дека не постои центар на моќ што ги поттикнува граѓаните, туку едноставно незадоволството и желбата за правда и подобро општество е тоа што ги мотивира“, вели Маричиќ.

Неодамна граѓани протестираа пред седиштето на ЕВН во Тетово, незадоволни од високата цена на струјата. Иницијативата „Сите против ЕВН“ за крајот на месецов најави протест и во Скопје. Во овој период кога има и енормно загадување на воздухот имаше и протести против загадувањето.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG