Претставниците на парламентарните групи не постигнаа договор за претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и поради тоа координативната средба на претставници на парламентарните групи во македонското Собрание треба да продолжи утре напладне. Тие треба да се договорат дали претседателот на Комисијата ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Претходно претставниците на парламентарните групи постигнаа договор за бројот на членовите со кои ќе бидат застапени во Комисијата. Договорено е ВМРО-ДПМНЕ да има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и БЕСА да бидат застапени со по еден член.
Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски изјави дека по координативната средба во Собранието, за жал, нема поместување во однос на одблокирање на состојбите во законодавниот дом. Тој кажа дека откако прифатиле ВМРО-ДПМНЕ да има шест члена во Комисијата за избори и именување, партијата на Никола Груевски побарала да има претседател во комисијата.
„Сега се поставува уште еден услов претседателот на Комисијата да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ако тоа не се случи нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на претседател на Собранието. Тоа покажува дека ВМРО-ДПМНЕ ја узурпира Република Македонија, ги узурпира институциите и не сака поради лични тесно-партиски интереси да функционира Собранието“, изјави Спасовски.
Тој објасни дека Собранието бира кој ќе биде претседател, кој заменик претседател, а кои ќе бидат членови во Комисијата, онака како што е пропишано во Деловникот.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека персоналниот состав на Комисијата не може да биде предмет на договарање, а исто така и претседателот на Комисијата, бидејќи нивната партија ја има најголемата пратеничка група.
„Соодносот на членовите е последица на изборните резултати. Исто така претседателското место секогаш без исклучок припаѓа на најголемата пратеничка група. Ние сме спремни ако има договор утре да ги тераме следните процедури во работата на Собранието“, изјави Димовски.
Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.
Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината сооглед дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.