Потребен е разговор за излез од политичката криза

Претседателот Ѓорге Иванов со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Излезот од политичката криза зависи од почитувањетоа на изборните резултати, од формирање на Влада, како и продолжување на работата на Парламентот, велат аналитичарите. Тие објаснуваат дека конструктивен чекор е и пролонгирање на корекцијата на законот за јазиците.

Потребен е разговор за излез од политичката криза вели, првиот претседател на Собранието во независна Македонија Стојан Андов, кој се приклучува на укажувањата дека е важно што поскоро да се формира влада и да продолжи да работи Парламентот. Тој очекува шефот на државата да ги испочитува резулатите од последните избори и да дозволи мнозинството во парламентот да ја избере владата.

Во врска со писмото на Иванов до светските лидери со кое бара повлекување на платформата на албанските партии, што во дел од јавноста се толкува како негов дециден став оти нема да се предомсили, Андов посочува дека намерите на Иванов се гледаат од адресите на кои е упатено писмосто, а тоа се земјите со кои што Македонија има има специјални односи.

„Сигурно прва негова намера е тие инстанци прецизно да ги информира зошто не го дава мандатот Втора цел е да слушне што тие инстанци мислат за неговиот потег. Ако не му е важно што тие инстанци мислат за неговиот потег нема и да им се обраќа на нив. Очекувам јас со нужни образложенија во скоро време Иванов да ја промени одлуката и да го даде мандатот на Заев со тоа што ќе си сочува и ќе бара право кога ќе се бира владата да му се овозможи специјално обраќање во Собранието каде ќе ги каже сите овие негови забелешки. Тоа може да биде солуцијата која би можело да значи да почне да се работи веќе“, изјави Андов кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа

Апелирајќи сите да направат конструктивни чекори за надминување на кризата политичкиот аналитичар Алајдин Демири ја нагласува улогата на Специјалното Јавно Обвинителство и потребата да продолжи со работа.

„Во едно нешто се состои компромисот. За ВМРО ДПМНЕ тоа е да се избрише СЈО. Тоа не може зошто тоа е клучен момент на целата криза“ изјави Демири.

Андов додава дека гледа тактичка грешка и од страна на трите партии на Албанците во Македонија оценувајќи дека лошо е поставено целото прашањето на реформите.

„Настрана каде е подготвена таа платформа туку и што тоа се постави како документ земи или остави, да нема разговор за тоа, туку да е тоа диктат. Кога нешто се сака да се постигне како договор, има смисла само ако за тоа се разговара и ништо претходно не е готово и не е непроменливо. За се може да се разговара.Тоа беше таа грешка и таа грешка придонесе за една голема да речам национална мобилизација на Македонците“, вели Андов.

Демири дополни дека конструктивен чекор за надминување на кризата е да се направи тајминг на приоритети од платформата на албанските партии.

„Компромисот е да се направи тајминг на приоритети или работи што ќе чекаат. Во оваа смисла е законот за јазикот, да почека, за да се избегнат тензии. Одлагање во онаа смисла да се чека поповолен момент или купување на време. Зошто комплетното одлагање нема смисла зошто тоа е кочење на процес. Логиката е дека веќе го имаме законот за јазици. Тој закон треба да се сфати како корекција или поголема употреба. А од тоа сега се парави баук,“вели Демири.

Инаку првиот човек на ОБСЕ Ламберто Заниер кој дојде во Македонија во обид да се најде решение на кризата на прашање дали гледа нешто спорно или проблематично во платформата на албанските партии тој одговори, не. Заниер пред се изрази загриженот поради меѓуетничките тензии и побара да се запре нивно потикнување.