Достапни линкови

Мандатот и протестите главни вести во дневниот печат


Загриженоста на меѓународната заедница за постапката на Иванов, односно за недавањето на мандатот на лидерот на СДСМ, Заев како и протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија се главните вести во дневниот печат.

Цел свет е загрижен за состојбите во земјава и цел свет апелира што побрзо да се надмине институционалната криза предизвикана со недоделувањето на мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Само нашите партиски водачи, се чини, продолжуваат да си играат со огнот и со добрата спинувана медиумска кампања.

Вечер оди со силен наслов: „Деветти ден 100 илјади Македонци на браникот на Татковината – „Едно име имаме“ , „За заедничка Македонија“. Во меѓувреме, врз Музејот на албанската азбука во Битола се фрлени молотови коктели, а Вечер инсинуира: „Молотови коктели – нарачка или изолиран случај?!“

Утрински поумерено гледа на протестите и насловува: „Протестен марш „За заедничка Македонија“.

Вечер исто така наслови: „СДСМ не се откажува од Платформата на Еди Рама – Тирана не отстапува, ДУИ најави Влада без мандат и немири“.

Слободен печат објавува цитати од интервјуто на Али Ахмети за Ројтерс, што го пренесе Дојче веле: „Некои политичари ја користат политичката криза за да предизвикаат меѓуетнички конфликт“.

Само Слободен печат на насловната ја објавува изјавата на Теута Арифи дека „Платформата е во рамките на Уставот и законите и не е надвор од Охридскиот рамковен договор. Претседателот Иванов со недоделувањето на мандатот ја вовлече државата во институционална криза“.

Сите медиуми го објавија писмото од Иванов до САД, ЕУ, НАТО и до Турција да ја осудат Тиранската платформа. Светот одговара со загрижени пораки за кои информира Утрински: „САД упорни: Направете компромис, формирајте влада, порача заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот, Хојт Брајан Ји од Загреб, кој пораката ја испрати директно до претседателот Иванов“; „Словачкиот министер за надворешни работи Лајчак на состанокот на ЕУ: Две држави се распаѓаат на Балканот. (Мисли на БиХ и Македонија, забелешка на Утрински)“; Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Могерини ги повика македонските политичари да не си играат со оган во однос на меѓуетничката конфронтација, а Иванов на кризата да ѝ пристапи со „мудрост“. Слични пораки има и од Франција, Словенија, Велика Британија, Шведска, Германија, Холандија...

Утрински ја пренесува и пораката од министерството за надворешни на Албанија по повод молотовите коктели врз Музејот на албанската азбука во Битола: „Веруваме дека овие напади се дело на мала група луѓе водена од екстремно националистички чувства. Албанија и Албанците беа и ќе останат трајни пријатели на Македонија“.

Во годишниот извештај на Стејт департментот за минатата година, за што Утрински информира под наслов: „Корупцијата ’цвета‘, судството молчи“ е забележан неуспехот на Владата целосно да го почитува владеењето на законот и попречувањето на работата на СЈО.

Исто така Утрински го објавува извештајот на Светска банка дека според невработеноста, прва во светот е Џубути, а Македонија е на 15-то место. Весникот забележува дека иако невработеноста во последниве десетина години постојано се намалува, од квартал во квартал, сепак сме меѓу првите дваесет држави во светот според бројката на невработени, а на врвот на листата во споредба со регионот. Главно сме во друштво на африкански земји, освен Косово, БиХ и Грција.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG