Достапни линкови

Кривичниот суд во длабока криза


Основен суд Скопје 1
Основен суд Скопје 1

Оставката на в.д претседателката на Основниот суд Скопје 1 дополнително ја отежна лошата состојба во Кривичниот суд. Познавачите на состојбите коментираат дека таа само му го отвори патот на претходниот претседател да добие уште еден мандат и дека таа трка ќе ја одреди патеката на СЈО.

Празно претседателско столче во Кривичниот суд, контроверзен годишен распоред на судии, хаос во судниците, одложувања на рочишта поради прераспределба на судии како и неодобрување на барања од СЈО за претрес во домови на функцинери се само дел од замрсеното судско клопче. Случувањата во Основниот суд Скопје 1 повторно се главна тема. За дел од познавачите на случувањата, судот е последното упориште каде што првите луѓе на досегашната власт ќе ги водaт битките против Специјалното јавно обвинителство.

А трката по претседателското столче во Кривичниот суд ќе ја одреди и натамошната патека на предметите на Специјалното јавно обвинителство. Во битка за функција формално правно се вклучени судиите Иван Џолев и претходниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Причините за оставката на вршителката на должност претседател на Судот Татјана Михајлова остануваат тајна, ниту таа, ниту надлежните не излегоа во јавност да ги објаснат.

Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски вели дека Советот ги разгледува можностите како да се постави нов шеф на Кривичниот суд и дека сите опции се отворени, додавајќи дека судиите требало да се воздржат од изјави за да не ја комплицираат и онака специфичната состојба во Судот.

„Хаос е претежок збор, не владее хаос, но има несекојдневни случувања. Тоа е од минатата година. Ние имавме состаноци и средби со дел од судиите и со тогашниот претседател и в.д. претседател. Запознаени сме со некои состојби и затоа повикуваме јавно да се воздржат судиите од давање изјави или од конфронтации, бидејќи сите треба да си ја зачуваат професионалноста и независноста“, изјави Караџовски.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека оставката на Михајлова е тактички маневар за Панчевски повторно да биде претседател на Кривичниот суд за да ја води и натаму битката со СЈО.

„Затоа што единствен кандидат е Панчевски, благодарејќи на Караџовски и Зафировска, кои што направија вонредно оценување, нешто што не постои, и нема критериуми, при што Панчевски доби најголем број на бодови а во меѓувреме тактички му покренаа постапка на Иван Џолев пред Советот за проверување на факти, а Туфекџиќ ја повлече својата кандидатура, така што нема борба тука за претседателско место“, вели Давидовиќ.

Тој објаснува дека основната причина за сите болки во судството е политичкото влијание па и затоа до сега се тактизираше со изборот на претседател, за да се почека формирање на Влада. Давидовиќ вели дека поради неможноста на ВМРО-ДПМНЕ да формира влада, судот се чува како последно упориште каде ќе се пружи отпор против Специјалното јавно обвинителство.

Според законот, Судскиот совет треба да закаже седница на која со тајно гласање судиите ќе изберат нов претседател.

Досега закажувањето на седницата беше одложувано со објаснување дека им требало време да ги разгледаат понудените биографии на кандидатите.

Караџовски вели дека нема пазарење меѓу членовите на Советот за избор на претседател од актуелните кандидати, но не ја исклучува можноста и од распишување на нов оглас. Михајлова ја извршуваше должноста откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но тој повторно се кандидираше за истата позиција

Нејзината неотповиклива оставка доаѓа неколку дена откако Врховниот суд прифати приговори за годишниот распоред за работа во судот, кој според дел од познавачите на состојбите е опишан како „чистка“, бидејќи од работа на кривични во работа на прекршочни предмети биле „прераспределени“ токму судии кои до Судскиот совет го искажале незадоволството од работењето на претходниот претседател Панчевски, како и оние кои досега одговориле позитивно на барањата на Специјалното јавно обвинителство, како што е влезот во УБК и претресот во станот на Коста Крпач, кој по тоа беше пронајден мртов.

Специјалното јавно обвинителство неодамна се пожали дека само едно барање за претрес за случајот „Титаник“ им било одобрено.

„Сите останати барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени. Имено, судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети и тоа судијата Елена Јосифовиќ и судијата Александра Поп Стефанија изразиле несогласување по барањата за определување наредба за претрес, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Дијана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка“, наведува СЈО во соопштението.

Проблематичната состојба во Кривичниот суд е евидентирана и во извештајот на Стејт-Департментот за 2016 година во кој меѓу другото се вели дека судството е под политички притисок.

„Политичко мешање, неефикасност, наклонетост кон добростоечки личности, одолговлекување на процесите, нарушување на правото на јавно судење и со корупција. Политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, е наведено во извештајот на Стејт Департментот.

Извештајот констатира дека недоволното финансирање се одразува врз судските операции и ефикасноста, како и дека бројни судски претставници ја обвинуваат владата дека го користи буџетскиот авторитет за да го контролира судството.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG