Неделници: Политичката криза - опасност за Македонија

Протестен марш во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија,,

Фокус насловува „Фамилијарна платформа - Народот против народот“. Република пишува дека „ Народот е чадорот на Македонија“, а во Глобус ќе прочитате „Одбрана на лидерот до последниот пион“.

Фокус - Фамилијарна платформа - Народот против народот

„Војна наместо затвор – Фамилијарна платформа“ – објавува Фокус на насловната страница со фотографија на Ѓорѓе Иванов и Никола Груевски, фатени за рака, како отпоздравуваат, а во заднината, со блажени насмевки се гледаат Јанкулоска и Мијалков. За во уводникот, „За нештата да станат појасни“ авторката на текстот да извика: „Фамилијарна платформа - ’Народот‘ против народот!“ Груевски, продолжува Фокус, не е ексклузивен по тоа што „дрпнал“ милијарди. Ги имало на сите меридијани. Разликата е во тоа што во демократски држави, откако ќе пукне бруката, тие понесуваат одговорност. Во недемократските, пак, има разлика дали ќе одговараат само за криминал или и за крвопролевање на народот против „народот“! – предупредува неделникот и заклучува: „А штом Могерини, Столтенберг, Хан, амбасадорот што ни Груевски нема ’такво‘ да го именува, ги прогласија за непријатели, тогаш ептен се во фрка“. Па завршува: „Крајот им се гледа, ама не и бројот на жртвите за одбрана на криминалот на пастирот!“ – поентира Фокус.

Република - Народот е чадорот на Македонија

„Народот е ’чадорот‘ на Македонија“ – тврди Република во уводникот, текст во кој провејуваат навреди на личноста на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на измислените странски непријатели. Значи, според уводничарот во Република, цитирам, „истите тие дипломати, амбасадори, Соросови платеници и политички квислинзи“ увиделе дека направиле грешна проценка на народот, дека не бил „мекотелно суштество без кичма“, како што пишува, и „пластелин“ што можела да го обликува секоја „будала“, како што пишува неделникот. „Само“, вели, „при моделирањето на профилот на Македонецот планерите направиле грешка што црпнале дефектен примерок од Муртино“.

Република и во овој уводник ја кажува поентата што ВМРО-ДМНЕ и официјално ја застапува преку изјавите на Груевски и во партиските соопштенија, па пишува: „Со оглед на фактот дека волјата на граѓаните на последните избори е изманипулирана, односно украдена, сега народот што го гледаме во сè поголем број на улиците нема друг избор, освен да бара целосно отфрлање на антимакедонските програми и организирање на што е можно побрзо нови фер и демократски избори“ – завршува Република.

Глобус - Одбрана на лидерот до последниот пион

„Одбрана на лидерот до последниот пион“ е насловена анализата во Глобус во која се скенираат случувањата пред и откако Иванов не му го даде мандатот за формирање влада на Зоран Заев, кој му го докажа мнозинството во Собранието со 67 потписи, од неговите нови пратеници, оние на Беса, од Алијансата за Албанците и од партијата на Ахмети. Се наведуваат потоа мислења на политички аналитичари кои сметаат дека Груевски е останат и без меѓународна поддршка и без рационални политички изговори и дека може да смета само на „најрадикализираните негови апологети што не размислуваат со своја глава“.

Авторот на анализата потсетува на она што членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ никако не сакаат да го слушнат: дека отпочеток Груевски го прифатил целиот албански пакет, „од ДУИ велат и поширок од оној што подоцна е договорен со Заев, но се запнало кај СЈО!“ – наведува он-лајн магазинот, повторно потсетувајќи дека Груевски, кој за истите работи преговараше со Ахмети, по неуспехот да договори соработка, порача дека унитарноста на државата е нападната и дека народот требало да ја одбрани. „Го пушти националистичкиот пес од ланецот, а тезата за федерализација и продажба на земјата, идентитетот и името е изложена во пакет како колективен мамец“, анализира Глобус за да наведе: „Груевски е свесен дека има сто и еден доказ дека против него е цела архива на документи кои тој ги напишал или направил, сам а некаде со братучедите (на пример, преговори за името кои довеле до согласност за користење на терминот Горна Македонија)“ и дека затоа нема друг избор – категоричен е Глобус.