Протестите „За заедничка Македонија“ финансирани од донации?

Поддржувачи на платформата „За Заедничка Македонија“ на протест пред Владата во Скопје.

Со сопствени средства и преку помош од поединци и фирми се финансираат протестите „За заедничка Македонија“, велат од иницијативата. Тие негираат и дека зад протестите стои ВМРО-ДПМНЕ и велат дека повикот за учество во нив е отворен за сите.

Граѓанската иницијатива за „За заедничка Македонија“ веќе трет ден организира протести за како што велат зачувување на унитарноста на земјата. Предводници на таканаречениот четврти Илинден се Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Александар Русјаков, Борис Дамовски и Елена Мисиркова кои на прес-конференција го објавија прогласот и на секој протестен марш се во првите редови.

На вчерашниот марш можеше да се забележи како на поддржувачите на иницијативата им се делат марами во црвено-жолта боја, потоа беше обезбеден и автомобил со разглас, како и импровизирана бина и озвучување за на насобраните да им се обратат говорниците. Сето тоа чини пари, па се поставува прашањето како се финансира иницијативата.

„Со сопствени средства, иако тие се незначително помали во сооднос со она што го добивме од луѓето кои се интересираа за нашата иницијатива. Има најразлични поединци и фирми кои што сакаат да помогнат несебично“, вели Богдан Илиевски од иницијативата.

На прашањето дека на протестите може да се забележат партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, чие раководство го повикаа да им се придружи на улица и дали партијата стои зад нив, тој посочува дека апелот бил упатен кон сите политички партии, покрај граѓаните, затоа што се работи за нешто што е надпартиско, надрелигиско и надетничко.

„Концептот на заедничка Македонија за нас е далеку, далеку над ваквите групирања најразлични по која било основа или по разно разни категоризации на граѓани меѓу нас. Меѓу посетителите на протестот се разбира има секакви луѓе, јас не ги знам сите 10 илјади луѓе. Протестот е отворен за сите се разбира. Вчера бевме пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, ред е да се појавиме и пред штабот на СДСМ. Но, еве да не кажувам однапред треба сите да одлучиме денеска што ќе правиме“, вели Илиевски.

РСЕ: Сакате да кажете дека партиските членови на ВМРО-ДПМНЕ самоиницијативно се дел од протестите?

„Не знам како мислите вие, да не им плаќаме на луѓето да се појават и дека сендвичи им даваме. Повикот е отворен и јавен“, посочува Илиевски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протести за одбрана на унитарноста, иако никој не ја спори

Тој додава дека на протестите секој се појавува самоиницијативно и дека нему не му е работа да биде дел од протестите, како ни на другите членови од иницијативата. Но, според него, го прават тоа, бидејќи имаат одредени заеднички убедувања и идеологии и заеднички концепт за државата како таа треба да изгледа и не секогаш, како што потенцира Илиевски и не е се поврзано со пари во животот.

Тезата дека унитарноста на земјата е загрозена во јавноста ја пласираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Иако протестите се граѓански, медиумите забележаа списоци со имиња и како се заокружува присуството на учесниците.