Фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставници на овие три фирми се сомничат дека со тоа сториле злоупотреба на постапката за јавен повик.
Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека истрагата е отворена врз база на три нелегално прислушувани разговори, од кои два не биле објавени јавно.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 26 март 2015 година објави нелегално сниман телефонски разговор, меѓу, како што рече, тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Машки глас 1: Вчера се видов со кратовчанецот.
Машки глас 2: Со…?
Машки глас 1: Со кратовчанецот, од Кратово.
Машки глас 2: Кратовчанецот!? Ааа, да, да, да, добро, добро. Јасно ми е.
Машки глас 1: Се видел и со тебе.
Машки глас 2: Да беше кај мене, разговараме, му дадов некои идеи.
Машки глас 1: Се видовте и со оној…
Машки глас 2: Од Битола така?
Машки глас 1: …што има кола Сеат Ибица, знаеш? Сеат, Сеат Ибица….
Машки глас 2: А да, добро, добро.
Машки глас 1: Се видов, и двајцата….
Машки глас 2: Ало…
Машки глас 1: …да им помогнеш некако…
Машки глас 2: Па еве денеска…Таму сигурно ќе се пријават, ама му реков јас дека може он слободно да се јави, да направи некои конзорциум и да се јави.
Машки глас 1: Најбоље е ти тоа да го организираш, да е предвидливо. Они се вака збунети.“
Првоосомничен е управителот на Трансмет, второосомничен е застапникот на Силекс и третоосомничениот е управител на фирма од Студеничани. За двајца од нив СЈО ќе побара притвор. Осомничени се и фирмите.
„Конкретно, постои основано сомнение дека на 14.11.2011 година во Скопје, првоосомничениот како одговорно лице-управител на осомниченото правно лице „Трансмет“ ДОО Скопје, второ осомничениот како застапник на осомниченото правно лице СИЛЕКС НЕМЕТАЛИ СТ“ ДООЕЛ Кратово и трето осомничениот како управител на осомниченото правно лице „ВАТО“ ДОО Скопје, свесно ги повредиле прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот противправна имотна корист ефектуирана во неколку милиони евра“, изјави Фетаи.
Заради изигрување на постапката, трите фирми доставиле невистинита документација дека поседуваат механизација која ја немаат за да го исполнат условот и да се квалификуваат во втората фаза од набавката, со што сториле кривично дело, рекоа обвинителките.
„Главниот доказ е дека документацијата којашто е доставена, со којашто се тврди дека лицето исполнува услови по техничката спецификација е фалсификат, не се работи само за дробилицата, се работи и за договори, кои се тврди дека се склучени, а не се склучени за набавка на друг вид на опрема која никогаш не била набавена и правните лица кога конкурирале на тендерот не ја поседувале иако покажале со документите друга состојба дека поседуваат таква опрема“, рече обвинителката Ленче Ристоска.
Специјалната обвинителка Катица Јанева претходно соопшти дека случајот Титаник за изборни измами е проширен за уште 17 лица, меѓу кои се опфатени и високи функционери. Дел од нив и претходно беа осомничени само што сега се товарат за неколку нови кривични дела, кои на јавноста и беа познати од аферата „Списоци“.
„Истрагата под кодно име Титаник на 10.02.2017 година е проширена против 17 нови лица за кривични дела против изборите и гласањето за кои постои основано сомневање дека се сторени во периодот од 2011 до 2014 година, од кои 5 од осомничените лица делувале како создатели на групата, а се работи за функционери во власта, а останатите осомничени се членови на групата, а кои се вработени како службени лица во повеќе државни органи“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.
Во однос на испрашувањата на сведоците во Охрид, Ристоска вели дека од 185 покани кои МВР требаше да им ги достави на сведоците, доставени биле само 130, од кои само 15 се испрашани.
„Кога бевме во Охрид, беше побарано состанок од двајца претставници на политичката партија која го организираше протестот и можам да кажам дека од тие лица коишто дојдоа во присуство на началникот на СВР Охрид ни беа искажани извесни закани за коишто подоцна го известивме и министерот за внатрешни работи. Воедно ни беше доставен од тие лица и список, дека тие точно знаат кои 185 лица сме ги повикале. Па со оглед на тоа што неповикани лица знаат кои се повикани како сведоци во тајна предистражна постапка, ние и за тоа го известивме министерот и направивме дополнителни проверки за тоа дали е настаното влијание врз сведоци и ве уверуваме во најскоро време ќе следуваат кривични пријави по однос на наводите што го имаме ние, за тоа кој го вршел влијанието врз сведоци“, истакна Ристоска.
Во случајот Титаник првично беа осомничени поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и уште петмина други.