Потписите кај Иванов, мандатот за ден, два

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев: Очекувам мирен и брз трансфер на власта

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, му ги предаде 67-те потписи на претседателот Ѓорге Иванов. Сега се очекува неговата одлука. Од ДУИ и покрај најавата дека ќе имаат седница на централното претседателство, денеска информираат дека таа нема да се одржи.

Петнаесетина минути траеше средбата на претседателот на СДСМ Зоран Заев со претседателот на државата Ѓорге Иванов. На неа тој дојде заедно со заменик-претседателката Радмила Шеќеринска и со генералниот секретар Оливер Спасовски. Му ги предадоа потписите од 67-те пратеници од СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА со кои го побараа мандатот. По средбата од СДСМ информираат дека Иванов им рекол дека мандатот ќе им го даде за ден, најдоцна два.

Заев, пак, даде изјава пред влегувањето во претседателскиот Кабинет нарекувајќи го овој ден историски за Македонија.

„Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија. Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, рече Заев.

Според него потписите овозможуваат да заврши кризата во Македонија и конечно, како што рече, државата да се придвижи напред.

Сега се очекува одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, кој покрај 61 потпис за да го даде мандатот побара и да му се достават гаранции за унитарноста и за реформи во безбедносните структури. Заев не соопшти дали му предава и такви гаранции.

Во меѓувреме и покрај најавата од ДУИ дека седницата на централното претседателство на која ќе одлучат дали ќе влезат во владата или пак ќе бидат опозиција, но ќе ја поддржуваат ќе продолжи, таа нема да се одржи. Рафиз Алити од ДУИ само кратко соопшти дека немаат седница не давајќи никакви детали. Според некои информации, пак, тие ќе чекаат Иванов да му го даде мандатот на Заев, па потоа ќе одлучуваат.

Ако Заев го добие мандатот, според Уставот, ќе има дваесет дена да формира мнозинство. Сите три страни, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА му ги дадоа потписите, но најавија дека дополнително ќе преговараат и одлучуваат дали ќе влезат во владата.

Викендов еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан рече дека очекува претседателот Иванов да му го даде мандатот на „кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, согласно Уставот“. Во писмена изјава, еврокомесарот наведе дека промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на веродостојни избори.

„Прифаќањето и почитувањето на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. Попречувањето и поткопувањето на таквите напори немаат место во демократскиот процес“, напиша Хан.

И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг исто така во писмено соопштение наведе дека „по еден обид да се формира влада, сега е објавено дека, во согласност со барањата утврдени од страна на претседателот, сега се собрани доволно потписи на пратениците“.