Основањето на СЈО е поврзано со политичката криза и во таа состојба која беше посебна и единствена, беше навистина неопходно да се основа специјална установа, вели во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела, францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние. Тој напоменува и дека основањето на СЈО е направено со согласност од сите големи политички партии и под своевидна гаранција на повеќе меѓународни фактори.
„И доколку, ако можеби СЈО е средство за излез од кризата, тогаш и неговиот мандат треба да биде продолжен со сите механизми коишто постојат во Собранието. За тоа е неопходно политичките партии да покажат одговорност, но и исто така и чувство за генералниот интерес на сите“, вели Тимоние.
Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека од самото основање на СЈО опструкциите станаа составен дел од неговата работа. Според него, треба да биде продолжен рокот на СЈО за покренување на обвиненија од 18 месеци до 4 години колку што ќе трае мандатот на институцијата.
„Е тој временски период практично означува оневозможување на СЈО да си ја заврши работата. Сега практично треба продолжување на мандатот на СЈО со право да може да отпочнува нови случаи се до процесуирањето. Значи да се продолжи од 18 месеци до крајот на мандатот на СЈО од четири години. Дали понатака ќе треба продолжување на СЈО ќе зависи од состојбите во државата. Дали ќе има промена во односот на редовното јавно обвинителство према настаните и дали тоа ќе продолжи да работи така како што работело пред партизација на сите државни институции во Република Македонија“, смета Трпеновски.
На прашањето што доколку не се продолжи мандатот на СЈО, бидејќи за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ е против, Тимоние посочува дека е прерано да се каже затоа што Парламентот се уште не одржува седници.
„Во моментов е прерано да се каже што било, затоа што Собранието не одржало седници, но сепак очигледно е, барем за нас, дека агендата на Собранието е да биде агенда на важни реформи и тоа реформи за коишто ќе биде потребно широко и квалификувано мнозинство и сите одлуки кои ќе бидат донесени од страна на политичките партии за националниот интерес, а не само за интересот на одредена политичка партија или одредена личност на самата партија. Јас имам доверба, бидејќи се сретнав со лидерите на сите поголеми политички партии и сите ми покажаа патриотска и национална приврзаност која според мене им го дава целиот капацитет за надминување на потешкотиите кои се поврзани со одредени тешки одлуки кои треба да се донесат“, додава тој.
Токму продолжувањето на мандатот на СЈО беше причина за неуспехот на преговорите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ за коалицирање со цел формирање на нова влада, бидејќи партијата од албанскиот блок не отстапи токму од тој услов.