Русија во поход против наводни лажни вести

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руското МНР против наводни лажни вести

Руската влада најде нов механизам за справување со критиките од светските медиуми - прогласување на тие текстови за лажни вести.

Руското Министерство за надворешни работи одлучи да го искористи актуелниот тренд за борба против лажните вести и воведе нов дел на својата интернет страна каде објавува вести од познати светски медиуми, за кои тврди дека се лажни.

Досега на тапет се најдоа вести од Њујорк тајмс, британски Телеграф, Блумберг, и Ен-Би-Си Њуз за руската политика кон Балканот, САД и Едвард Сноуден. На сајтот на руското МНР вестите се посочени како информации кои шират невистина за Русија. Секој пример е обележан со црвен печат како лажна вест, а под него има објаснување од само една реченица во која се потенцира дека информативниот материјал не е вистинит односно не одговара на реалноста.

Еден од примерите посочени како вести кои шират лаги за Русија е текстот на „Телеграф“ за руски заговор за соборување на црногорската влада и обид за атентат врз премиерот Мило Ѓукановиќ.

Оваа нова руска кампања се смета за директен одговор на Кремљ против критиките од светските медиуми и влади кои го обвинуваат Владимир Путин за ширење невистинити информации со цел собирање политички поени. Потпаролката на руското МНР, Марија Захарова на прес-конференција во Москва потенцира дека Москва со овој механизам ќе им одговори на западните држави, кои тврдат дека Русија и медиумите блиски до руската влада шират лажни вести.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова

„За промена да ги смениме улогите и тогаш ќе видите самите колку е тешко да ги докажете вашите тврдења“, истакна Захарова.

Кремљ беше критикуван за големо мешање во американската претседателска кампања. Според објава на „Вашингтон пост“, во извештај на ЦИА Русија е посочена како главен диригент на цела интернет кампања со хакирани електронски пораки до Викиликс, која имала за цел да го помогне изборот на Доналд Трамп за американски претседател. Новиот американски претседател го отфрли извештајот како неточен, а и тој и неговата администрација постојано тврдат дека медиумските извештаи за блиска поврзаност на Трамп со Русија се лажни вести.