Македонската филхармонија со „Виолински бравури“ и Сихана Бадивуку

Сихана Бадивуку, виолинистка. Фото: Саша Хузјак

„Виолински бравури“ е насловен симфонискиот концерт што, на 23 февруари, во 20 часот, во Домот на АРМ, ќе го одржи Македонската филхармонија. Солист ќе биде Сихана Бадивуку, на програмата е и премиерната изведба на делото „Бескрајно сега“ од Илија Пејовски, а со оркестарот ќе раководи Со Аватсуџи од Јапонија, добитник на наградата „Ловро фон Матачиќ“.

По цели 12 години виолинистката Сихана Бадивуку еве ја повторно со Македонската филхармонија. Овој пат како солистка на концертот насловен како „Виолински бравури“, со кој таа практично ја продолжува успешната низа на соработки зачнатата со нејзиното деби во сега далечната 1992 година.

Родена 1967 година Сихана Бадивуку-Хоџа се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Нејзиниот пат во светот на уметноста е типичен за сите оние кои потекнуваат од музички семејства. По средното музичко училиште во Приштина и работата со професорите Павел Верников, Ванчо Стоилков и Благоја Димчевски, образованието го заокружува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, а потоа и во Москва каде што дипломирала и магистрирала во класата на професор Евгенија Чугајева. Но, тука не завршува нејзиното образование. По добиената стипендија заминува и на студии во Школата за музика во Детмолд, Германија, во класата на професор Јанг Учк Ким.

Бадивуку кариерата ја продолжува на меѓународните концертни подиуми, а паралелна преокупација се нејзините мастер-класи кај видни уметници и педагози, како и учествата на престижни меѓународни натпревари во земјава и во светот. Во 1994 година посетува курс во Сиена (Италија) на „Academia Chigiana“ со професор Уто Уги, а има учествувано на бројни меѓународни натпревари за виолина и фестивали во Република Македонија и во земјите од регионов.

Солистичките и камерните настапи за Сихама се силна мотивација, а позитивните критики од стручната јавност и од публиката ја ставаат на висока позиција во музичкиот свет. Успешно се претставувала во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и во САД.

Од 1992 година таа е професор на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та и концерт-мајстор на Косовската филхармонија, виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“ и настапувала со истакнати солисти како Дерек Хан, Метју Барли, Пјерлуиџи Камичија, Франческо де Жан, Бертран Гиро и други.

Во овој контекст посебно за издвојување е плодната соработка со пијанистката Маја Кастратовиќ, со која како дуо концертрираат од 1994 па сè до денес. Во 2011 година, Бадивуку и пијанистот Јоуни Сомеро од Финска, како круна на својата успешна серија перформанси го објавуваат албумот „Брамс сонати“.

И, кога ова е веќе познато, не случајно со нагласено љубопитство се очекуваат нејзините изведби како солист на виртуозните „Циганка“ и Интродукција и рондо капричиозо од француските музички мајстори Морис Равел и Камиј Сен Санс.

Во пресрет на „Виолински бравури“, Бадивуку-Хоџа, знае да каже дека одбраните дела се посебно впечатливи не само за неа туку и за секој инструменталист на виолина. Дека бараат специфичен ангажман и однос од секој солист и изведувач.

„Главно што треба да се извлече од овој концерт е убавата атмосфера затоа што делата ги разбираат и во нив можат да уживаат не само професионалците и познавачите, туку и широкиот круг на љубителите на музиката. Тие дела се многу мелодиозни и многу впечатливи. Атрактивни. Не се сомневам дека со колегите од Македонска филхармонија ќе оствариме плодна соработка и дека ќе споделиме една навистина убава енергија. Посебен поттик очекуваме и од диригентот, маестро Со Аватсуџи од Јапонија, за кого досега сум слушала само убави зборови. Најубаво ќе биде овие дела со заедничка позитивна мисла да се доведат до високиот пиедестал“, вели Сихана.

Од друга страна, роден 1989 година, младиот јапонски диригент со интернационална кариера Со Аватсуџи, својата професионална наобразба ја започнал на Градскиот универзитет на уметностите во Кјото, додека од 2012 до 2015 година студирал и на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Во моментов тој ги продолжува студиите на Универзитетот за уметности во Цирих, Швајцарија, под менторство на проф. Јоханес Шлафли.

Наедно Аватсуџи посетувал и мајсторски часови кај врвните диригенти Давид Цинман, Бернард Хаитинг, Еса-Пека Салонен и Колин Метерс, а досега диригирал со Загрепската филхармонија, Филхармонискиот оркестар „Јаначек“ од Чешка, со Филхармонискиот оркестар на Русе, Државниот оркестар на Пловдив (Бугарија), Хрватскиот камерен оркестар, со Симфонискиот оркестар на Осака...

Настапот на маестро Аватсуџи во Скопје, е награда што Македонската филхармонија ја додели на натпреварот за млади диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во 2015 година.

И, уште нешто – под негово диригентство на „Виолински бравури“ оркестарот премиерно ќе ги изведе и композицијата „Бескрајно сега“ од македонскиот композитор Илија Пејовски, со што се одбележуваат 70 години од неговото раѓање, како и лирската Симфонија во Це од францускиот класик Жорж Бизе.