Вработените во МПМ си ги бараат платите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Штрајк на вработените во МПМ

Поради неисплатени плати денеска во штрајк стапија вработените во МПМ. Тие по неколку часа дневно нема да работат во знак на револт. Велат го бараат само она што им следува. Штрајкот е организиран и поддржан од ССНМ.

Новинарите и другите медиумски работници од најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија денеска стапија во штрајк на неопределено време. Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија, а одлуката ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест пред две недели. Тие од денеска во знак на револт нема да работат по неколку часа дневно.

Новинарот Љубиша Станковиќ од Утрински весник вели дека штрајкот бил неопходен и изнуден, бидејќи со месеци наназад не можат да остварат контакт со менаџментот. Според него, жално е и што од медиуми дознале дека компанијата Орка Холдинг повеќе не е сопственик и тоа го направила додека се подготвувале за штрајк.

„Ние сакаме да седнеме, да разговараме и преговараме и да ги решаваме работите. Кога ќе се случи тоа не зависи од нас, туку од менаџментот и сопствениците на компанијата. Знаете, по кулоарите се зборува се и сешто. Зошто се случува и како се случува ова не знаеме. Ние го бараме она што е наше, оствареното право на плата“, рече Станковиќ.

Според него, веќе неколку пати досега преговарале со менаџментот, но од октомври престанала комуникацијата меѓу нив. Уредниците, кои како што наведе Станковиќ, ги поддржуваат, имале средба со менаџментот, но не знаат за што разговарале. За информацијата дека во компанијата влегле и истражители на СЈО, Станковиќ напомена дека тоа нема врска со нив, туку само се совпаднале работите.

Владо Апостолов од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија, потврди дека повеќе од година дена платите на вработените им доцнат. Менаџментот, според него, сега им должи плата и половина на вработените.

„Револтот кај нив е уште поголем, бидејќи раководството одбива да разговара на таа тема за да се реши тој проблем. Важно е да се спомене дека штрајкот ќе се одвива етапно и согласно законот и за прв пат имаме штрајк од ваков вид. Имало и претходно револт од колегите на поинаков начин, но вака организиран според законот е за прв пат“, истакнува Апостолов.

Тој посочи дека синдикатот ќе ја следи ситуацијата, а на прашањето како ќе реагираат доколку менаџментот вработи нови луѓе, тоа, како што наведе Апостолов би било лицемерно и непринципиелно.

Од Здружението на новинари на Македонија изразија поддршка на штрајкот и го повика менаџментот на компанијата да ги исполни барањата на штрајкувачкиот одбор за исплата на заостанатите плати и хонорари.