Политиката го „убива“ економскиот раст во Македонија

Во политичка ситуација како сега, стопанствениците дополнително стравуваат зашто имаат проблеми со ликвидност и раскинување или пролонгирање на договори за инвестирање.

ЕУ очекува за оваа година економскиот раст во Македонија да биде околу 3,2 отсто, но економистите велат дека овој раст во Македонија Унијата го темели на очекувањата дека по изборите ќе има стабилна и мирна политичка клима која и е неопходна на економијата. По неуспехот да се формира влада, економистите велат дека растот ќе зависи од тоа како ќе се одвива политичката ситуација, но дополнуваат дека сепак политичките прилики нема да имаат значително влијание врз јакнењето на економијата.

„Доколку продолжи оваа ситуација да има техничка влада, тоа ќе се одрази врз економскиот раст. Но, тоа нема да биде некое поголемо влијание, бидејќи и онака не се предвидени некои поголеми инвестициски зафати за оваа година“, изјави економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Меѓутоа, според него, овој раст од 3,2 проценти што го очекува ЕУ нема да биде доволен да ја придвижи економијата во Македонија. Тој посочува дека нам ни треба економски раст од 6 проценти и дополнува оти идната влада треба да направи и преоценка на дефицитот.

„Држава во која дефицитот во буџетот и задолженоста се поголеми од растот на економијата не може да очекува никаква перспектива. Проблем е што последните години растот исклучиво се потпира врз растот на јавната потрошувачка, приватната иницијатива е задушена, државата премногу интервенира во економијата и тоа ја запре приватната иницијатива и со тоа растот на економијата“, вели Најдовски.

Тој потенцира дека е потребно е што побргу да имаме влада која ќе ја промени политиката во областа на економијата и ќе инвестира во продуктивни цели за да имаме можност за подобар економски раст како држава.

Во политичка ситуација како сега, стопанствениците дополнително стравуваат зашто имаат проблеми со ликвидност и раскинување или пролонгирање на договори за инвестирање.

Како директна последица на политичката криза, минатата година од Стопанската комора на северозападна Македонија ја посочија стагнацијата на економскиот раст. Според нив, очекувањата на ЕУ за раст од 3,2 проценти не се достижни.

„Ако останеме со надеж на оптимизам дека ќе имаме стабилна влада, која конечно како приоритети ќе ги има економските прашање, ние мислиме дека нема да се движиме над 2,5 проценти економски раст“, изјави Фатмир Битиќи, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Како што изјави Битиќи, на Македонија и треба економски раст од 4 или 5 отсто во наредните најмалку седум години по ред за да има придвижувања и подобар живот кои граѓаните ќе може да ги видат.