Нема нови информации за разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање нова влада. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски вели дека во оној момент кога ќе има нови информации ќе ја известат јавноста, додека Бујар Османи од ДУИ кратко одговори дека нема нови информации.
Во тек е последната недела од уставниот рок за формирање нова влада, кој истекува на 29 јануари. Мандатар е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Јавноста и натаму е во очекување на одговор дали двете партии ќе успеат да ги затворат отворените прашања, кои се главно поврзани со продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и употребата на албанскиот јазик.
Пред почетокот на преговорите за формирање на влада ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА потпишаа заедничка платформа, за која што рекоа дека ќе му биде претставена на новиот мандатар.
Во соопштението на партиите беше наведено дека тие ќе се залагаат за измена на Уставот во кој ќе стои дека албанскиот јазик и неговото писмо е официјален јазик во Република Македонија.
Во платформата на партиите на албанците во Македонија е наведено дека тие ќе ја дадат својата поддршка на политичка партија со која ќе исполнат неколку цели, меѓу другото, и целосна поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител.
Албанските парламентарни партии со платформата влегуваат во преговори со македонските партии, во случајов прво со мандатарот Никола Груевски, вели политичкиот аналитичар Исмет Рамадани. Но, според него, тие нема да успеат.
„Тргнувајќи од фактот и од вокабуларот на Никола Груевски и неговите сопартијци за ставот спрема Албанците и меѓународната заедница и негативниот став спрема Специјалното јавно обвинителство, значи тука е главната пречка. Во однос на официјализирањето на албанскиот јазик, тука мислам дека тие би се обиделе да направат некој модалитет“, вели Рамадани.
Во однос на прашањето што од платформата би било прифатливо за СДСМ, доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не успеат да формираат влада, Рамадани вели дека тука шансите се поголеми.
„За прашањето за СЈО тука ставот е идентичен, односно тука веќе е усогласен. Во врска со употребата на јазикот, мислам дека во овој случај ќе треба да се прифати реалноста дека со 67 или евентуално со 69 пратеници промени на Уставот не може да се направат. Тука во однос на законот за употребата на јазиците, во овој случај на албанскиот јазик, тој може да биде поквалитетен и симболично би рекол дека може да се шири хармониката во употребата на албанскиот јазик“, вели Рамадани.
За платформата на албанските партии лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изјави дека имаат став и многу што да кажат, но дека во моментов не е повикан да коментира, бидејќи мандатар е Никола Груевски и дека тоа ќе го направат во следните денови.