Достапни линкови

Дневен печат – Загаден воздух и препукувања за СЈО


Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство
Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство

Главна тема во сите дневни весници е повлекувањето на СЈО од обвинението „Пуч“. Весниците пишуваат и за преговорите за нова влада.

Тоа го знаеме и чувствуваме сите во главниот град: „Аерозагадувањето причина за 30 до 35 отсто од болестите – во годините наназад во просек над 1.300 животи годишно се губат поради загаденоста на воздухот“. Овие загрижувачки бројки ги објави Институтот за јавно здравје, а ги пренесува Утрински.

Во меѓувреме, главна тема во сите печатени медиуми е СЈО по повлекувањето на обвинението за предметот „Пуч“. Дневник ја објави веста со наслов „Скандалозно“, слично како и Вечер: „Скандалозно: СЈО го амнестираше Заев по втор пат“. Весникот објавува и постови од својата веб-страница, извлекувајќи наслов: „Жестоки и бурни реакции во јавноста - Вие сте срам за правдата“.

Од друга страна, „Никој не може да ја спречи правдата“ – го објавува Утрински соопштението на СДСМ по одлуката на СЈО наведувајќи дека „пропаднал најголемиот и најочаен обид за судски монтиран процес во независна Македонија“.

Поранешниот собраниски спикер Вељаноски во изјавата, што ја објавува Утрински, го потврдува ставот на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и на партијата дека „СЈО целосно се делегитимира“. Вечер го цитира делот каде што Вељаноски вели: „СЈО донесе срамна одлука, веќе нема основа за негово постоење“.

И пак во меѓувреме, „Се чека средбата на Груевски и Ахмети“ и „Преговори ќе има, дали некој ќе направи отстапки“ – загатнува Утрински.

Вечер го цитира Милошоски: „Не отстапуваме од она што го кажавме за СЈО и Уставот“. Слободен печат пишува: „Ахмети контра Груевски – не се согласува со неговата ’десороизација‘“, а на насловната објави дека „ДУИ се дистанцира од фашизоидната хајка на ВМРО-ДПМНЕ“ со шегобијна фотографија на двајцата први луѓе на партиите, на која Ахмети му кажува на Груевски: „Сам да си се тепаш со Сорос“, а мислата на Груевски е ставена во облаче: „И овој да ми ти бил соросоид?!“

И по трет пат, во меѓувреме, „Парламентот во зимски сон“ – констатира Утрински наведувајќи дека Собранието најрано ќе добие претседател на 29 јануари, а можеби и многу подоцна поради неизвесноста околу формирањето ново владино мнозинство. И за една голема победа на македонските екологисти: Утрински информира дека „ХЕЦ Бошков Мост дефинитивно нема да се гради“ затоа што Европската банка за обнова и развој го откажала финансирањето на објектот во Националниот парк Маврово со кредит од 65 милиони евра. Пред две години екологистите со својата кампања успеаја да ја поништат и одлуката на Светска банка за финансиско учество во изградбата на хидроцентралата Луково Поле, исто така во НП Маврово. Главна причина за борбата на македонските екологисти се ретките примероци на рис кому токму Маврово му е природната средина.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG