Неделен печат – Преговори за влада и „десоросизација“

Средба на Никола Груевски и Али Ахмети на 7 декември 2012

Фокус пишува дека Али Ахмети ќе го спасува Никола Груевски, Република се занимава со најавената „десоросизација“, а Глобус анализира дали Груевски ќе може да формира влада.

Фокус - Али комита ќе го бие Сорос паша

„Последната битка на командантот – Али комита ќе го бие Сорос паша“ – ја најавува Фокус на насловната својата главна тема во најновото издание во која се предвидува дека Али Ахмети ќе го спасува Никола Груевски од Идризово. Авторот на анализата прави скен-портрет на политичка кариера на Ахмети уште од 2001-та кога, кога, како што вели, „пукаше од калашников, а сега гувее како невеста“. „Наместо да му фрлиш лопата на овој што во своето претсмртно политичко лудило сака да ја погребе и евроатлантската иднина на Македонија, ти му ја с’скаш Илирида за да го кренеш од мртвите“ – гласи основната порака до Али Ахмети. Како причина за однесувањето на Ахмети, Фокус го наведува стравот на првиот човек на ДУИ од тоа дека Заев имал ниет да спроведува граѓанска агенда за сите да бидат рамноправни, и дека сето она од платформата е само димна бомба за да се замае јавноста „за куририте да почнат, како што почнаа, кампања дека Заев е крив и за вашата албанска платформа и оти сега Македонија ќе се албанизирала, ќе отишла јабана“. Неделникот наведува дека со однесувањето Ахмети му порачува на Груевски дека сè што има на ум да прави во следните месец-два е некако да го спаси, затоа што, поентира на крајот Фокус, „само ти можеш да го куртулиш Груевски, да му ја одложиш апсаната“.

Република - Десоросизацијата е историска задача

Република се занимава со Сорос и на насловната оди со најавата: „Десоросизацијата е историска задача“ и го повторува делот од неодамнешното мега-интервју во 4 продолженија на Груевски за неделникот, каде што тој го напаѓа Сорос и се правда дека не е антиалбански расположен и не е националист. Република, инаку, во уводникот ги обвинува Заев, оние што „даваат упатства од Калето“ и Сорос за ставовите изнесени во албанската платформа во која отворено се уценувало мнозинството и дека требало да се обвини лично Зоран Заев, кој многу порано на Албанците „им го подметна кукавичкото јајце“, како што се наведува. И во овој текст се навестуваат нови избори доколку Ахмети е непопустлив во преговорите и ако во следните дваесетина дена не се дистанцирал од „уценувачките барања на креаторот на црното сценарио“ кој, според Република, сакал да ја украде „јасно искажаната волја на граѓаните“ на декемвриските избори.

Глобус - Груевски со ракавици ќе влезе во преговори со албанските партии

И Глобус ги анализира позициите на партиите во услови на преговарање за составување влада и насловува: „Груевски со ракавици ќе влезе во преговори со албанските партии“, наведувајќи дека за приближувањето на Груевски до потенцијалните коалициони партнери „проблем се оние работи кои се ставени во Платформата на албанските партии“, но дека за Заев биле проблем „оние работи кои во Платформата ги нема, а тој ги сметал за приоритетни“. Глобус пишува дека на Груевски во ваква ситуација му се закануваат најмалку две опасности во партијата. Најпрвин да ги изгуби своите воинствени членови ако прифати макар и „јота“ од она што е содржано во Платформата. Каква би била таа ерозија и до каде би одела Глобус не сака да претпоставува, но, вели,авторитет на Груевски е веќе нарушен за да ја има царистичката позиција како порано. Второ, се плаши дека во негова непосредна близина може да постои „алтер его“, како што тој му беше на Љубчо Георгиевски, кој би ја презел партијата подготвен да ги одржи пред сè политичките врски со западните земји. Ниту на ДУИ нема да му биде лесно, продолжува Глобус, „да се ослободи од тежината на широката дружба во која кохезијата треба да ја одржуваат од Приштина и од Тирана“, и дека и новите партнери на Ахмети би ја цицале реалната сила на власта ако влезат во неа, која мајсторски си ја имаше Груевски, давајќи му делови од неа „на рецепт“ на Ахмети, завршува Глобус.