Новите пратеници почнуваат со работа

Архивска фотографија - Пленарна седница на Собранието на Македонија

Во очекување на конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав почнаа несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за тоа кој треба да ја води. По нејзиното одржување почнуваат да течат роковите за формирање влада.

Денешната конститутивна седница на Собранието се очекува да почне со несогласувања, главно меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за тоа кој треба да ја води. Од кабинетот на претседателот на претходниот парламентарен состав Трајко Вељаноски тврдат дека со деловничките измени од 2013 година дадено му е правото на последниот спикер да ја води конститутивната седница. Оливер Спасовски од СДСМ, кој вчера беше на координативната средба со другите претставници на партиите, вели дека најстариот пратеник треба да претседава со конститутивната седница, односно Бранко Манојловски од ДУИ.

Овој парламентарен состав по многу години доминација на ВМРО-ДПМНЕ според бројот на пратеници ќе биде поизедначен. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 51 мандат, коалицијата предводена од СДСМ 49 мандати, ДУИ 10, Беса 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2.

Конкретно од парламентарниот состав по изборите од 2014 година коалицијата предводена од Никола Груевски има изгубено десет пратеници, ДУИ девет пратеници, ДПА пет пратеници, а СДСМ добија 15 мандати. Со пратеници во овој состав ќе влезат и две нови партии, БЕСА со освоени пет мандати и Алијансата за Албанците со три пратеници. Во него за разлика од претходните состави во кои имаше 123 пратеници ќе има 120, бидејќи нема да има од дијаспората поради недоволен број гласови.

На дневен ред на првата собраниска седница се избор на претседател и членови на верификациската комисија, верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Новиот собраниски состав ќе има 62 нови и 58 пратеници од минатиот состав.

Од новите пратеници интересно за јавноста е враќањето на Борис Змејковски од ВМРО-ДПМНЕ повторно во парламентот, потоа изборот на актерот Крсто Јовановски од ГДОМ кој жестоко ги бранеше политиките на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста, а реакции предизвика и изборот на поранешниот хашки осуденик Јохан Тарчуловски. На листата на СДСМ критики во дел од јавноста уште по нејзиното објавување предизвика името на познатиот професор Ферид Мухиќ. Тој за првпат ќе влезе во собранието како пратеник заедно со граѓанските активисти Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, поранешниот новинар Мухамед Зеќири, професорката Ирена Стефоска...

По денешното конституирање на Собранието претседателот на Македонија е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Потоа мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.