Се будат ли граѓаните на Скопје? – прашуваме. Преку социјалните мрежи во средата се организира протест против енормното загадување на воздухот преку кој од градските власти се побараа „реални, а не декларативни мерки“. Од протестот беше наведено дека годишно околу 1200 смртни случаи се директна последица од аерозагадувањето – објавија Утрински и Нова Македонија.
Во Утрински читаме: „Втор месец пад, во ноември индустријата во минус од 4,9 отсто – но гледано кумулативно, за 11 месеци од годинава, индустриското производство има просечен раст од 3,4 отсто во однос на истиот период минатата година“.
Утрински и Вечер објавуваат и една куриозитетна вест: „Турската ’правда‘ стигна и до нашите граѓани“ – имено, турската амбасада во Скопје побарала да му се суди на наш граѓанин зашто го навредил претседателот Ердоган со „навредливи, саркастични и несоодветни зборови“, како што било наведено во барањето. А човекот на Фејсбук само напишал дека „Ердоган не би го послужил ниту со чај“.
Од домашната постизборна политика: сите медиуми објавија дека новите пратеници ги добиле уверенијата од ДИК и дека в петок ќе се видат.
Дневник со провокативен наслов: „ДУИ сака седница на Собранието на албански јазик“. „Доколку се укаже можност, највозрасниот пратеник, во случајов Бранко Манојловски од ДУИ, православен Албанец, да претседава со конститутивната седница на Собранието, партијата на Али Ахмети нема да ја пропушти приликата пленарката да биде на албански јазик“ – инсинуира Дневник.
Инаку, веќе е објавено дека седницата ќе ја води Трајко Вељановски.
Дневник од свои извори дознал дека „еден амбасадор повторно го притиснал алармот во СЈО“ давајќи насока останатите предмети да се оставеле настрана, а фокусот целосно да биде на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство. Насловот гласи: „Старо-ново оружје на странските сценаристи“.
Дневник исто така оди со наслов: „Американските подизведувачи во трескавична трка – По Бејли, и шведскиот и холандскиот амбасадор, Кломп и Стефансон, ги обработуваат Ахмети и Заев“.
Слободен печат, пак, констатира: „Пропагандната војна против странските амбасадори во Скопје не престанува“. Вечер е заинтересиран зошто „Заев оставка не дава: се крие зад гласовите на БЕСА, ДУИ и ДПА“. За да го поткрепи прашањето, Вечер наведува дека на изборите на 11 декември победила ВМРО-ДПМНЕ, а Заев изјавил дека СДСМ заедно со граѓаните освоиле 600.000 гласови и дека тие се победници.