„Тартиф“ на Галин Стоев или лицемерието како општествена норма

Тартиф, театарска претстава во МНТ

Во Македонскиот народен театар, во вторник, на 20 декември, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена безвремената „Тартиф“ од големиот Жан Батис Молиер во режија на славниот бугарски и европски режисер Галин Стоев. Насловната улога ја толкува Драган Спасов – Дац, негов партнер е Ѓорѓи Јолевски, а претставата се бави со лицемерието на поединецот како метафора за хипокризијата во општеството.

По 17 години од поставката на „Антигона во Техноленд“, денес прочуениот бугарски и европски режисер Галин Стоев се враќа на сцената на Македонскиот народен театар. Овој пат со „Тартиф“ на Жан Батис Молиер, драмата напишана во 17 век и едно од капиталните дела во театарската литература. Текстот со кој секој еден театар и режисер ја тестира својата зрелост затоа што се бави со една безвременска тема – лицемерието на поединецот како метафора за хипокризијата во самото општество. А, Стоев за релативно кратко време по него посега по втор пат откако во 2014-та најнапред го исправи на сцената на парискиот „Комеди Франсез“, славниот Дом на трупата на класикот Молиер.

Но, доследен на сопственото авторско кредо, тој нималку немал намера да ја копира првичната поставка, туку како и секојпат се приспособил на спецификите на екипата, на можностите на театарот и најмногу на насушната потреба претставата да се вклопи во локалниот контекст.

Затоа знае да каже дека во принцип семејството е смален дел на општеството во секоја една ситуација. Од таму нему му било интересно да го набљудува лицемерието не како атрибут на еден и единствен чинител, туку повеќе како интелигентна бактерија којашто може да се префрла од еден поединец на друг и така да го заразува целото семејство. Целото општество и целиот контекст. Вели дека со него се среќаваме на секој чекор и понекогаш наместо да го убиеме ние, во миговите кога присуствуваме на акт на лицемерие, стануваме соучесници во тој чин. Дури дека го испраќаме со молчење, без било каква соодветна реакција.

„Лицемерието како многу интелигентна бактерија е многу тешко да се дефинира и уште потешко да се умртви затоа што тоа патува вкрстено – од едно до друго место, заразува и се развива и израснува претворајќи се во норма. А кога лицемерието ќе се претвори во норма тогаш имаме многу сериозен проблем за кој е добро конечно да почнеме да говориме. Мислам дека театарот не би можел да го разреши тој проблем во општеството, но тој е едно од малкуте места каде што може да се отвори едно пространство каде дискусијата за лицемерието може да тече на едно поразлично, повисоко ниво и да ни каже да станеме свесни многу повеќе отколку да не тера да се конфронтираме. Ете тоа ми е битно“, вели Стоев.

Тој дополнува дека двете постановки, онаа во Париз и оваа во Скопје, всушност се разликуваат по сценографијата и по естетиката. Истакнува дека односите се малку поразлични оти таму се занимавал со тоа стихот да биде убав, а во оваа сегашна верзија ги терал многу повеќе актерите не да го играат стихот туку ситуациите. Да види како тие ќе стигнат до граничните можности и да ги натера да се обидат да одат уште понатаму за да може да ги прошират видиците.

Во вториот „Тартиф“ во МНТ, кој доаѓа по оној од средината на 1980-те потпишан од Љубиша Георгиевски со глумчишта како Кирил Ристевски, Ацо Ѓорчев, Мими Таневска, насловната улога му е доверена на Драган Спасов – Дац кој во оваа национална куќа неодамна премина од Драмски театар, а Оргон го толкува неговиот пријател, колега и другар од студентските денови Ѓорѓи Јолевски.

„Овој пат го играм Оргон. Две целосно различни претстави и два различни пристапа. Да се биде од другата страна, од страната на лекомислениот или заблудениот Оргон, кој во суштина е доста празен, рамнодушен и без чувства, како и секој политичар и бизнисмен на современоста, кој се обидува преку Тартиф да дојде до нешто суштинско. Се разбира, лицемерието кое е главна тема на оваа претстава, е единствено возможно и може да никне само ако постои плодна почва. А тоа е едно потполно труло семејство во кое секој е преполн со ништо, празнотија и површност“, ќе рече Јолевски, кој пред една декада го играше Тартиф во видувањето на режисерот Владо Цветановски и во продукција на Штипскиот театар.

Во претставата освен нив двајца играат Даница Георгиевска (Елмира), Владимир Јачев (Клеант), Тања Кочовска (Дорина), Катина Иванова (Госпоѓа Пернел), Оливер Митковски (Дамис), Дарја Ризова (Марјана) и други. Сценограф е Венелин Шурелов („просторот го осмислил следејќи неколку аспекти - од сакралното, преку индустриското до актуелниот консумеризам“), костимограф Елица Георгиева, а композитор на оригиналната музика е Саша Карлсон.